• понеделник, 16 декември 2024

Борел изрази „сериозна загриженост“ поради убиствата и насилството во Бангладеш 

Борел изрази „сериозна загриженост“ поради убиствата и насилството во Бангладеш 

Брисел, 30 јули 2024 (МИА) – Сериозно сум загрижен поради убиствата, насилството, тортурата, масовните апсења и оштетувања на имотите што се случија во Бангладеш во последниов период, порача високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел.  

Во писмената изјава тој нагласува дека на маргините на Министерскиот состанок на Регионалниот форум на АСЕАН во Лаос, на бангладешкиот претставник, поранешниот министер за надворешни работи и актуелен пратеник Абдул Момен, му ја пренел неговата „сериозна загриженост“ поради незаконските убиства извршени во последните денови од страна на властите во Бангладеш. 

- Овие дела мора да бидат темелно истражени и одговорните да бидат изведени пред лицето на правдата. Мора да има целосна одговорност за бројните случаи на употреба на прекумерна и животозагрозувачка сила од страна на органите за спроведување на законот против демонстрантите и другите лица, вклучително и новинари и мали деца. Илјадниците уапсени мора да добијат соодветна постапка, нагласува Борел. 

Според него, Европската Унија внимателно ќе ги следи активностите на властите во контекст на оваа криза и очекува целосно почитување на човековите права во Бангладеш. сп/ 

Фото: МИА Архива 

Остани поврзан