• среда, 25 декември 2024

Борел: ЕУ ги прошири санкциите за иранските производители на дронови и проектили  

Борел: ЕУ ги прошири санкциите за иранските производители на дронови и проектили  

Брисел, 22 април 2024 (МИА) – Министрите на денешното заседание на Советот за надворешни работи постигнаа политички договор за проширување на постојниот Режим на рестриктивни мерки кон Иран поради испорака на дронови и проектили за Русија и во случај на нивна дистрибуција во регионот на Блискиот Исток, соопшти високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел по завршувањето на министерската средба во Луксембург.  

- Со санкциите се опфаќа иранското производство на проектили и дронови, се проширува географскиот опсег не само за испорака на проектили и дронови во Русија, туку и во целиот регион на Блискиот Исток и Црвеното Море и се дополнува листата на санкционирани компании, истакна Борел. 

Во однос на состојбата во Газа, Борел оцени дека нема никаков напредок во однос на барањето за ослободување на заложниците, нема перспектива за постигнување на прекин на огнот и нема реално намалување на хуманитарната катастрофа. 

- Жал ми е што морам да кажам дека во однос на трите наши барање - ослободувањето на заложниците, прекин на огнот и хуманитарната катастрофа – нема никаков напредок. Единствено комесарот задолжен за справување со кризи не информира за некакво подобрување во испораката, но тоа не е доволно и хуманитарната катастрофа за палестинскиот народ продолжува, додаде Борел. 

Тој нагласи дека не е можна трајна стабилност во регионот на Блискиот Исток се додеа трае војната во Газа, па затоа европските шефови на дипломатии се согласиле на следното заседание на Советот за надворешни работи да ги поканат и нивните израелски и палестински колега. 

Во врска со поддршката на Агенција на ОН за помош на палестинските бегалци на Блискиот Исток (УНРВА), Борел рече дека ЕУ се уште го очекува извештајот по обвинувањата за учество на членови на нејзиниот персонал во нападите на Хамас врз Израел, но дека Унијата ќе продолжи со поддршката за оваа агенција која се соочува со сериозен недостиг на средства што би можело да доведе до прекин на некои нејзини мисии. 

Прашањата за случувањата на Блискиот Исток се тема и на вечерашната средба на Форумот за соработка меѓу ЕУ и Советот за соработка во Персискиот Залив (ГЦЦ), во чии рамки Борел и европските министри разговараат со претседавачот на ГЦЦ, катарскиот премиер и министер за надворешни работи Мохамед бин Абдулрахман бин Џасим Ал-Тани и со генерален секретар на Советот, Џасем Албудаиви. 

Кога станува збор за Украина, Борел истакна дека тоа што денешниот Совет се одржа во формат на заедничка средба на министрите за одбрана и за надворешни работи на ЕУ укажува на итноста на состојбата околу потребата од воена поддршка на земјата. 

Тој истакна дека украинските министри за надворешни работи и за одбрана Дмитро Кулеба и Рустем Умеров на почетокот на заседанието информирале за најновите случувања на теренот каде, според нив, Русија продолжува со нападите со проектили, дронови и наведувани бомби врз цели во Украина, пред се врз електроенергетската инфраструктура. 

- Според украинските извештаи само во последниве четири месеци се извршени напади со над 7.000 наведувани бомби, што е по околу 60 на ден, рече високиот претставник на ЕУ.  

Според Борел, ваквите напади јасно укажуваат на стратегијата на рускиот претседател Владимир Путин, во услови кога е јасно дека Украина се соочува со недостиг на муниција за самоодбрана и за одбивање на руската агресија. 

Во вакви услови, според него, европските сојузници мора да и помогнат на Украина со доставување на батерии за противвоздушна одбрана и муниција, бидејќи самите системи за пресретнување и лансерните рампи за проектили се бескорисни доколку нема муниција за нив и затоа е важно да се обезбедиме поголема поддршка за одбрана на украинските градови. 

- Но, не треба да го заборавиме и недостигот на муниција за конвенционалното оружје и затоа е многу важно што повеќе земји се приклучија на чешката иницијатива за набавка на ваквата муниција ширум светот. Првата испорака се очекува кон крајот на мај или почетокот на јуни, додаде Борел.  

Според него, други земји изразиле подготвеност да се приклучат на иницијативата на Германија за координација во снабдувањето на Украина со капацитети за противвоздушна одбрана. 

- Драго ми е што некои земји ја изразија својата желба да придонесат во противвоздушната одбрана со системи за пресретнување или за приклучување кон чешката иницијатива за муниција или германската за противвоздушна одбрана, рече Борел. 

Запрашан зошто иако постојано со говори колку е важно да и се испорача противвоздушната одбрана на Украина, досега само Германија испорача една батерија со системи Патриот, Борел одговори дека „Брисел нема ракети Патриот“, туку дека решението за нивна дистрибуција треба да ја донесат самите земји членки на ЕУ, при што има процедури околку носењето такви одлуки во зависност од геполитичкото опкружување и капацитетите на самите држави. 

На средбата станало збор и за состојбата во Судан и тоа во време кога се навршува годишнина од обновата на насилствата во оваа африканска земја, при што министрите разговарале со личниот пратеник на генералниот секретар на ОН за Судан, Рамтане Ламамра за напорите на Светската организација за прекин на конфликтот. 

- Сакам да придонесеме за воспоставување на одржлив прекин на огнот, да ги поддржиме во меѓународните и регионалните напори за посредување и да ја нагласиме важноста на соработката меѓу различните посреднички иницијативи, додаде Борел. 

Министрите на состанокот разговарале и за случувањата во Грузија и изразиле загриженост околу недостигот на транспарентност при изработката на законот за странско влијание, кој е доставен до Парламентот.

- Добивме уверување од грузиската Влада дека Предлог-законот ќе биде повлечен, а не дека ќе биде доставен до Парламентот, но тоа не е исполнето, рече Борел, додавајќи дека онака како што е предложен, законот не е во согласност со вредностите на Европската Унија. сп/

Фото: ЕБС

Остани поврзан