• понеделник, 23 декември 2024

Борел апелира за деескалација: Блискиот исток е на работ на бездна

Борел апелира за деескалација: Блискиот исток е на работ на бездна

Брисел, 15 април 2024 (МИА) - Блискиот исток е „на работ на бездна“, изјави денеска шефот на европската дипломатија Жозеп Борел и повика на деескалација на конфликтот меѓу Израел и Иран.

Иран истрела стотици ракети и беспилотни летала врз Израел во саботата навечер како одговор на осомничениот израелски напад врз конзулатот на Техеран во Дамаск, во кој загинаа неколку офицери на Иранската револуционерна гарда, вклучително и двајца високи команданти. Израел ниту ја потврди ниту негираше одговорноста за воздушниот напад на 1 април во сириската престолнина.

„Ние сме на работ на бездна и мораме да се повлечеме од неа“, изјави шефот за надворешна политика на ЕУ за шпанското радио Онда Серо. „Мораме да притиснеме на сопирачките и да префрлиме во друга брзина“, додаде тој.

Борел, исто така, рече дека очекува израелски одговор на иранскиот воздушен напад без преседан, но дека се надева дека тоа нема да доведе до дополнителна ескалација.

Според неговите зборови, постои „длабока поделба“ во израелската десничарска владејачка коалиција меѓу тврдокорните политичари кои сакаат брутална одмазда и „поумерената и разумна“ фракција. Оваа фракција повикува на одговор, истакна Борел, „но на начин што избегнува да одговори на одговорот“.

Шефот за надворешна политика на ЕУ, кој доцна синоќа разговараше со министерот за надворешни работи на Иран Хосеин Амир Абдолахиан, рече дека ЕУ мора да одржува најдобри можни односи со Иран и покрај санкциите што Унијата ги воведе кон Исламската Република поради нејзината контроверзна нуклеарна програма и други прашања .

„Во интерес на сите е Иран да не стане нуклеарна сила и да преовладува мир на Блискиот Исток“, посочи Борел. ссм/

фото: архива

 

Остани поврзан