• понеделник, 23 декември 2024

Израелските власти ја поздравија противвоздушната одбрана: Успешно го блокиравме иранскиот напад без преседан

Израелските власти ја поздравија противвоздушната одбрана: Успешно го блокиравме иранскиот напад без преседан

Тел Авив, 14 април 2024 (МИА) - Израелските власти денеска ја поздравија, како што наведоа, успешната противвоздушна одбрана од иранскиот напад без преседан, истакнувајќи дека тие, заедно со нивните сојузници, пресретнале 99 отсто од повеќе од 300 беспилотни летала и ракети насочени кон израелска територија.

Сепак, регионалните тензии се сè уште високи со страв од понатамошна ескалација во случај на израелски контранапад.

Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека денеска ќе свика состанок на Групата седум развиени светски демократии за да „координира унифициран дипломатски одговор на дрскиот напад на Иран“. Тоа укажува дека администрацијата на Бајден не сака иранскиот напад да ескалира во поширок воен конфликт

Иран го изврши нападот ноќеска како одговор на нападот врз неговиот конзулат во Сирија на почетокот на април, во кој беа убиени двајца ирански генерали, кој таа земја, како и многу други, му го припиша на Израел.

Израел соопшти дека Иран рано утринава лансирал 170 беспилотни летала, повеќе од 30 крстаречки ракети и најмалку 120 балистички ракети.

Двете земји со години се во еден вид прикриена војна, обележана со инциденти како нападот на иранскиот конзулат во Дамаск. Но, нападот утринава, кој ги активира сирените за воздушна тревога низ Израел, е првиот во кој Иран изведе директен воен напад врз Израел, и покрај децениските непријателства кои датираат од Исламската револуција во 1979 година.

Со текот на годините, Израел воспостави, често со помош на САД, повеќеслојна мрежа за противвоздушна одбрана која вклучува системи способни да пресретнуваат ракети со долг дострел, крстаречки ракети, беспилотни летала и ракети со краток дострел.

Тој систем, во соработка со САД и други земји, помогна да се намали влијанието на нападот што можеше да биде многу поразорен во време кога Израел веќе е преокупиран со војна со Хамас во Газа и борби на ниско ниво на својата северна граница со либански Хезболах. Иран ги поддржува и Хамас и Хезболах.

Израелските и американските официјални лица го пофалија одговорот на иранскиот воздушен напад.

„Иран лансираше повеќе од 300 закани и 99 беа пресретнати. Тоа е успех“, изјави контраадмиралот Даниел Хагари, портпарол на израелската војска.

Прашан дали Израел ќе возврати, Хагари рече дека земјата ќе направи се што е неопходно за да ги заштити своите граѓани.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху објави кратка порака на мрежата Икс: „Пресретнавме, блокиравме, заедно ќе победиме“.

Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант, исто така, им се заблагодари на САД и другите земји за нивната помош, но предупреди дека инцидентот сè уште трае.

„Кампањата не е завршена, треба да бидеме будни и да се подготвиме за секое сценарио. Во исто време, го блокиравме првиот бран напади и тоа го направивме со голем успех“, рече Хагари.

Тој рече дека имало мали оштетувања на израелската противвоздушна одбрана, но дека тие се уште функционираат.

Спасувачите објавија дека седумгодишно девојче е тешко повредено во, како што изгледа, ракетен напад во јужен Израел, иако тие рекоа дека полицијата сè уште ги истражува околностите околу инцидентот.

Во Вашингтон, Бајден рече дека американските сили му помогнале на Израел да ги собори „речиси сите“ беспилотни летала и ракети и вети дека ќе ги повика сојузниците да подготват обединет одговор.

Во соопштението објавено денеска, американскиот државен секретар Ентони Блинкен рече дека САД „не сакаат ескалација“ и дека ќе разговараат со своите сојузници во наредните денови.

САД и нивните сојузници испратија директна порака до Техеран како предупредување против понатамошна ескалација на конфликтот.

Иранската државна новинска агенција ИРНА пренесе соопштение од паравоената Револуционерна гарда во кое се потврдува дека Иран лансирал „десетици беспилотни летала и ракети кон окупираните територии и позиции на ционистичкиот режим“.

Во подоцнежно соопштение, Револуционерната гарда издаде директно предупредување до САД да не учествуваат во нанесување штета на иранските интереси или да се соочат со „одлучен одговор од иранските вооружени сили“. 

Би-би-си пишува дека Иранците веројатно сакале да ја оптоварат противвоздушната одбрана на Израел со евтини беспилотни летала за крстаречките и балистичките ракети да имаат поголеми шанси да ги погодат своите цели. Тоа е тактика која веќе е видена во Украина.

„Израел, сепак, не е Украина. Воздухопловните сили на Израел се многу способни. Освен тоа, Израел има различни противракетни системи кои тешко се надминуваат, а им помагаат и американски и британски авиони“, пишува Би-Би-Си. паг/

 

 

Остани поврзан