• среда, 27 ноември 2024

Болницата во Струга доби амбулантно возило, донација од бизнис заедницата

Болницата во Струга доби амбулантно возило, донација од бизнис заедницата
Струга, 23 април 2021 (МИА) – Струшката Општа болница доби санитетско амбулантно возило, донација од 14 општествено одговорни компании преку фондацијата за развој на образование и култура Албиз. Новото возило, како што истакна директорот на болницата Арменд Арслани, дополнително ќе ги зајакне капацитетите за транспорт на пациентите до потребната здравствена услуга. - Тоа ќе овозможи полесен и побрз пристап на пациентите до потребните здравствени услуги, особено кога станува збор за пациенти во животозагрозувачка состојба, кога брзата реакција е од витално значење, изјави Арслани. Тој изрази благодарност до донаторите, упатувајќи апел за поголема општествено-одговорна свест кај компаниите и бизнисмените за донирање и подобрување на условите на пациентите. Болницата, нагласи директорот, располага со потребната апаратура, но сепак има недостаток од мобилен ренген, кој постојано се користи, како и реконструкција на зградите во енергетски ефикасни. - Иако сме снабдени со потребната апаратура, потребен ни е мобилен ренген, реконструкција на покривите на двете згради и фасади, односно обезбедување енергетски ефикасни објекти. Бараме и преку Министерството за здравство, но и од другите релевантни институции, за реализација на овие проекти. Упатувам апел и до бизнис заедницата во Струга и струшко, но и до нашите иселеници, како и многу пати досега да ја покажат својата хуманост и да обезбедиме подобри и поквалитетни услуги за граѓаните, рече Арслани Според него, интерес за донирање во болницата имало, како кај бизнисмените од Стуга и околината, така и од дијаспората. сс/аа/

Остани поврзан