• сабота, 28 декември 2024

Бод за македонските футсалци против фаворит Романија

Бод за македонските футсалци против фаворит Романија
Скопје, 3 февруари 2021 (МИА) – Македонските футсалци одиграа вечерва нерешено 2:2 во Скопје против Романија, освојувајќи го првиот бод во евроквалификациите со израмнувачкиот гол во завршните минути на капитенот Дарко Ранготов во неговиот јубилеен 100. настап во репрезентативниот дрес. Романците, кои допатуваа во Скопје во улога на фаворити, ја имаа иницијативата во првото полувреме, но почетниот гол стигна на спротивната страна, откако Дандан во 12 минута од слободен удар и донесе водство на македонската репрезентација. Водечкиот гол за момент донесе невнимание во редовите на македонската одбрана што Романците го искористија веќе во следниот напад израмнувајќи со автоголот на Адријан Мицевски. Романија го сврте резултатот во своја корист во 31 минута со голот на Рибеиро, еден од четворицата Бразилци во гостинската репрезентација, но Македонците вратија на три минути пред крајот со голот на 36-годишниот Ранготов. Во вториот натпревар од Групата 4 во рамки на квалификациите за пласман на Европското првенство 2022, БиХ ја совлада на гостински терен со 4:2 репрезентацијата на Србија, на која избраниците на Васил Скендеровски ќе и гостуваат на 5 март во Врање. По две одиграни кола, БиХ води на табелата со шест бодови, Романците се второпласирани со два, а македонската и српската репрезентација имаат по еден бод. ег/зс/

Остани поврзан