• среда, 27 ноември 2024

Богородица – нашиот завет со Бога, рече владиката Партениј од Собор на Пресвета Богородица во Пречиста Кичевска

Богородица – нашиот завет со Бога, рече владиката Партениј од Собор на Пресвета Богородица во Пречиста Кичевска

Дебар, 9 јануари 2024 (МИА) - Богородица, мили мои, е нашиот завет со Бога, таа најголемата учесница во Домостројот Божји. Таа го возвиши ликот на жената до Божествени височини. Денеска, славејќи го нејзиниот Собор, ние го славиме, всушност, Соборот на Црквата, сите ние, нејзините деца по дух, порача во одржаното слово Неговото Преосвештенство Епископ Антаниски г. Партениј, Игумен на Свештената бигорска Обител, на вчерашната Божествената Литургија на празникот Собор на Пресвета Богородица, во Манастирот Пречиста Кичевка.

Додаде дека преку Богородица сите станавме деца на Бога и деца нејзини.

-Таа, милата Мајка, која виде толку безбројни и натприродни чудеса, никогаш нема да нѐ остави и да нѐ напушти. Таа секогаш ќе ни биде најголема спомагателка во спасението. Затоа, мили мои, да ја прославуваме со радост и со благодарност, бидејќи преку нејзината благодат подарена од Бога, Таа стана Мајка на Небото и на Земјата и Мајка на Црквата Света, којашто ја покрива со својата безмерна љубов и милост. Секогаш е подготвена да ги чуе молитвите на страдалниот човек, бидејќи и Самата е човек и поднесе неискажливи страданија заради својот Син. Бог сакаше преку човек да го спаси човекот. И го направи тоа, преку Пресвета Богородица, нагласи владиката.

Кај многубројните верници неизмерна беше радоста во срцето кога станува збор за празник на Пресвета Богородица, зашто таа е толку блиска на сечие срце и со неискажлива сладост и сигурност го опсипува, особено она срце што ја почитува и сака.

На крајот од Светата Литургија, од страна на Светиот Антаниски на Калина Јакимовска ѝ беше доделен медаљон, брош со ликот на Пресвета Богородица, во знак на благодарност за нејзините несебични трудови и пожртвуваност за Црквата, помагајќи го нејзиното свето дело. А на најмладите, дојдени со своите родители, владиката им подели божикни пакетчиња за радост.

Инаку, во рамки на веќе традиционалниот новогодишен и божикен „Базар“ на плоштадот во Кичево, синоќа, граѓаните, а посебно најмладите, имаа незаборавна прилика да ја споделат празничната радост со високопочитуваниот епископ Антаниски.

-Со ветувањето дека ќе се врати на концертот за Василица, владиката Партениј не само што ја подкрепи нашата вера, ја поттикна вербата дека светлината на заедништвото и добротата ќе продолжат да ги водат Кичевчани напред, осветлувајќи го патот кон подобра иднина. Упатувам покана до сите, заедно, серадосно да го прославиме Раѓањето Христово и почетокот на Новата Година, на нашиот Новогодишен Концерт кој ќе се одржи на 14 јануари со почеток во 19 часот во „Кочо Рацин“ во Кичево, изјави за МИА, Филип Тинтоски, организатор на настанот.

Покрај хорот „Митрополит Козма Пречистански“, на концертот ќе учествуваат и многу реномирани музичари, познати драматурзи и хористи. вт/сст/

Фото: Бигорски манастир

Остани поврзан