• понеделник, 23 декември 2024

Богоев: Царината е партнер на бизнис заедницата и заштитник на здравјето на граѓаните

Богоев: Царината е партнер на бизнис заедницата и заштитник на здравјето на граѓаните

Скопје, 25 септември 2023 (МИА) - Царинската управа од една страна служи како ефикасен партнер на бизнис заедницата и поддршка на легалната економија, а од друга страна секојдневно се бори со спречување на разни форми на криминалитет со цел заштита на здравјето на граѓаните, вели Стефан Богоев во гостување на утринската емисија на Канал 5 телевизија.

- Новите форми на криминалитет бараат зголемена ефикасност на Царинската управа во секојдневните заложби за сузбивање на сивата економија и спречување криумчарење производи што се штетни за здравјето на граѓаните, вели Богоев.

Додава дека криминалците бараат нови начини за криење на стоката која е штетна по здравјето на граѓаните. Со предумисла за шверц, честопати ваквите производи, како што вели Богоев, ги кријат во стока со интензивен мирис, која би била потешка за откривање од страна на кучињата трагачи. Притоа, истакна тој, главната задача на царинските службеници е да ги откријат ваквите појави и да спречат криумчарење стока која е штетна за здравјето на граѓаните.

Во оваа насока, секојдневните заложби на царинските службеници во сузбивање на нелегалната трговија и шверцот, потенцира тој, е многу важно без разлика дали станува збор за поголеми или помали заплени. Богоев потсети дека заплената на филери на усни и неколку тони медикаменти за потенција, се само дел од акциите на царинските службеници сè со цел заштита на здравјето на граѓаните. Внес на производи без дозвола од надлежното Министерство за здравство во државата, вели Богоев, е ризично за здравјето на граѓаните поради што една од главните задачи на Царинската управа е токму спречување на ваквите форми на криминалитет. цр/ац/

Фото: Царинска управа

Остани поврзан