• среда, 25 декември 2024

Блинкен: Кина помагајќи и на Русија го поттикнува конфликтот во Украина

Блинкен: Кина помагајќи и на Русија го поттикнува конфликтот во Украина

Капри, 19 април 2024 (МИА) - Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска изјави дека Кина индиректно го поттикнува конфликтот во Украина со тоа што ја снабдува Русија со делови за нејзината воена индустрија.

На италијанскиот остров Капри по состанокот на дипломатите на Г7, Блинкен кажа дека Кина е „главниот снабдувач“ на руската воена индустрија, што и овозможува на Русија да продолжи со својата агресија против Украина.

-Ако Кина сака пријателски односи со Европа..., не може да ја снабдува другата страна, што е најголемата закана за европската безбедност од крајот на Студената војна, рече Блинкен.

Министрите за надворешни работи на Г7 (САД, Јапонија, Канада, Франција, Германија, Велика Британија и Италија) денеска во Капри ја изразија својата „длабока загриженост“ за испораката на кинеска опрема во Русија, која е помош за руската „воена машинерија во Украина“, се наведува во завршната изјава од средбата.

„Ова и овозможува на Русија да ја зајакне и да ја снабдува својата воена индустрија, што е закана за Украина и меѓународниот мир и безбедност“, се наведува во соопштението.

Г7 ја повикува Кина да го прекине снабдувањето на Русија бидејќи, како што наведоа, Пекинг со тоа ја продолжува војната во Украина и го зголемува ризикот во кој се наоѓаат соседите на Русија.

САД се надеваат дека притисокот од европските земји ќе го наведе Пекинг да ја намали поддршката за Русија, чии сили, според признанието на Вашингтон, напредуваат на фронтот во Украина.сд/

фото:ЕПА

Остани поврзан