Битолскиот актер Слободан Степановски добитник на актерската награда за животно дело „Петре Прличко“ за 2020
- Слободан Степановски, член на Битолскиот Народен театар е годинашен добитник на наградата „Петре Прличко“ за 2020 година.
Велес, 6 ноември 2020 (МИА) - Слободан Степановски, член на Битолскиот Народен театар е годинашен добитник на наградата „Петре Прличко“ за 2020 година.
Вака едногласно одлучи жири комисијата во состав: Саши Димоски театролог, Деан Дамјановски, театарски режисер и Драган Миладиновски, актер.
Како што информира на денешната прес-конференција градоначалникот на Велес Аце Коцевски, Комисијата која денеска била спречена да дојде и да ја соопшти одлуката, добила пет предлози, а покрај Степановски, за наградата конкурирале и Игор Џамбазов од МНТ, Магдалена Ризова Черних од Тетар Комедија, Коран Илиќ од НУЦК „Трајко Прокопиев“ од Куманово и Дубравка Киселички исто така од НУЦК „Трајко Прокопиев“ од Куманово.
Наградата се состои од плакета со ликот на Петре Прличко и паричен дел од 30 илјади денари, но поради состојбата со Ковид-19 нема да се додели во рамките на програмата на Денот на Општината, 9 ноември, туку за кога за тоа ќе дозволат условите.
Во чест на добитникот, по традиција актерите од велешкиот театар на својата сцена и овојпат ќе изведат и една од претставите од својот репертоар.
Како што напиша во своето писмено образложение жири комисијата, годинашниот добитник на оваа висока актерска награда е Прличковец без дамка и задршка.
Слободан Степановски во актерските води е 43 години и има долга и успешна кариера во која одиграл 90 ролји. ад/мс/