• недела, 24 ноември 2024

Битиќи: Од 1 јули повторно е можна евтина дневна тарифа на струјата

Битиќи: Од 1 јули повторно е можна евтина дневна тарифа на струјата

Скопје, 26 мај 2023 (МИА) - Од 1 јули годинава граѓаните најверојатно повторно ќе имаат можност да користат евтина дневна тарифа на електричната енергија, најави денеска вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи.

- Се прават последните анализи дали може да се врати евтината тарифа и таа најверојатно ќе биде вратена од 1 јули, изјави Битиќи во гостувањето во „Утринската програма“ на телевизија Телма.

Тој посочи дека висината на цената на струјата преку соодветни параметри ја определува Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ), која се очекува да ја донесе конечната одлука кон крајот на јуни.

- Имаме месец и половина пред нас, а ние не зависиме само од домашните производители на електрична енергија, нагласи Битиќи, додавајќи дека како и сите одлуки во последнива година и половина, така и оваа ќе биде во полза на граѓаните.

Вицепремиерот во гостувањето најави и дека стапката на данокот за додаден вредност (ДДВ) за струјата од 10 отсто постепено ќе се враќа на 18 проценти, за што анализите се при крај.

Битиќи потенцира дека првпат од независноста на земјата актуелната Влада работи на подготовка на Национална стратегија за развој, која би требало да го трасира патот за идниот развој на државата.

- Во секоја стратешка област ќе биде јасно разграничено каде сакаме да стигнеме. Тоа е визијата и во наредниот период ќе се работи на акцискиот план, како тоа да се постигне, изјави вицепремиерот Битиќи, додавајќи дека преку оваа Стратегија ќе се мапираат тековните и постоечките предизвици на општеството, со фокус на изградба на соодветни капацитети со цел државата да биде подготвена и да може успешно да се соочи со идните предизвици.

Според него, процесот на креирање на оваа Национална развојна стратегија е од големо значење за иднината и бара методичност и внимателен пристап, бидејќи тоа ќе биде, како што рече, визионерски стратешки документ кој ќе го утврди развојниот пат на државата во следните 20 години, поради што се водат широки консултации за градење меѓугенерациски, меѓуетнички, меѓупартиски и родов консензус помеѓу клучните општествени чинители.

- Ако видите кој се е вклучен во креирање на оваа стратегија, тоа се национални експерти, луѓе од државата. Кога се правеа мапирањето и анализите на 25 области, беа вклучени 28 национални експерти и имаше над 30 визионерски работилници со над 3.000 наши сограѓани, изјави Битиќи.

Тој истакна дека во целиот процес биле вклучени бизнис и граѓанскиот сектор, младите, вработените од институциите, како и политичките партии од власта и опозицијата и ваквиот пристап, според него, е показател оти како општеството полека почнуваме да наоѓаме консензус за важни прашања за државата.

- Ова е единствениот начин вистински да покажеме дека си ја сакаме татковината. Таа не се сака на друг начин, освен ако заеднички не се креира нејзината иднина, за сите нас, рече Битиќи, додавајќи дека постигнувањето консензус не може да се направи брзо, па затоа решиле изработката на Националната стратегија за развој да оди постепено. сп/бак/

Фото: Скриншот 

 

Остани поврзан