Бислимоски: Нема да дозволиме трошоците направени на некоректен начин да удрат на грбот на домаќинствата
- Кога ќе ја носиме новата одлука за цената на електричната енергија на регулираниот пазар што ќе важи од 1 јули годинава ќе направиме се за да се спречат малверзациите кои можат да влијаат на
Скопје, 30 мај 2022 (МИА) – Кога ќе ја носиме новата одлука за цената на електричната енергија на регулираниот пазар што ќе важи од 1 јули годинава ќе направиме се за да се спречат малверзациите кои можат да влијаат на зголемување на цената што ја плаќаат домаќинствата, порача вечерва претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) Марко Бислимоски.
-Ова што го прават општините ниту е етички ниту, пак, морално. Кога беа намалени цените на слободниот пазар, општините штедеа - тогаш беше во ред. Сега кога се зголемија веднаш се прават малверзации за да се вратат на регулиран пазар. Има и компании кои прават фиктивен договор па се враќаат на регулираниот пазар. Сега кога ќе ја носиме одлуката нема да дозволиме овие непредвидени трошоци направени во најмала рака на некоректен начин да удрат на грбот на домаќинствата. Затоа при носење на одлуката на цената РКЕ ќе преземе се што е во наша надлежност за да не бидат оптоварени домаќинствата со овие малверзации на општините и компаниите. Ако е криза за сите е криза, рече Бислимоски во емисијата „Топ тема“ на Телма.
Нагласи дека Управата за јавни приходи, Финансиската полиција и останатите институции веќе се известени за малверзациите кои се детектирани од страна на РКЕ со фиктивни договори за да се вратат на регулираниот пазар.
-Од октомври минатата година сите македонски компании на слободниот пазар се соочуваат со реално зголемени трошоци за набавка на електрична енергија. На 90 отсто од нив не им текна да прават вакви финти. Зборував за компании и општини кои потпишуваа фиктивни договори, потенцира Бислимоски.
Како што рече, лани во декември кога ја носеле одлуката за цената на електричната енергија, за потрошувачка биле предвидени 3,413 милијарди киловат часови, а сега се предвидува 3,946 милијарди киловат часови.
-ЕВН во своето побарување прикажа зголемување на потрошувачката на електрична енергија за 533 милиони киловат часови. Тоа е поголема количина на електрична енергија од претходни. Тоа се дополнителни количини за кои ќе треба увоз, а цените достигнуваат до 500 евра за мегават час. ЕСМ и половина од нив да обезбеди по цена од 41 евра, а останатите 333 милиони киловат часови да се обезбедат по цена од 280 евра за мегават час плус маржа, плус набавка - тоа се 105 милиони евра непланирани од кои 30 милиони се на општините, останатите се на компании, појасни Бислимоски.
Ги повика општините и компаниите да бидат инвентивни и да постават фотоволтаици на своите покриви.
-Зошто општините не ги искористат покривите на училишта, на градинки на сите институциите што ги имаат. Зошто не размислуваат покрај фотоволтаци да изградат и мали хидроелектрани, како што имаат општините Кавадарци и Битола, рече Бислимоски.вј/лв/