Билатералните односи и меѓународните случувања во фокусот на средбата Герапетритис - Фидан
- Билатералните односи, регионалните и меѓународните случувања, кипарското прашање, како и европската одбранбена програма, биле темите во фокусот на средбата на министрите за надворешни работи на Грција и Турција Јоргос Герапетритис и Хакан Фидан на маргините на Советот за надворешни прашања на ЕУ во Луксембург, јави дописничката на МИА од Атина.
Атина, 21 октомври 2025 (МИА) – Билатералните односи, регионалните и меѓународните случувања, кипарското прашање, како и европската одбранбена програма, биле темите во фокусот на средбата на министрите за надворешни работи на Грција и Турција Јоргос Герапетритис и Хакан Фидан на маргините на Советот за надворешни прашања на ЕУ во Луксембург, јави дописничката на МИА од Атина.
Дипломатски извори за грчката новинска агенција АНА-МПА брифирале дека двајцата министри размениле мислења за случувањата на Блискиот Исток и важноста од одржување на прекинот на огнот и целосно спроведување на првата фаза од мировниот план за Газа, во корист на стабилноста на регионот.
Герапетритис, според истите извори, го информирал Фидан за позицијата на Грција во однос на европската одбранбена индустрија и нејзината посветеност на градење посилна, поотпорна и стратешки автономна Европа, повторил дека одредувањето на Ексклузивната економска зона и континенталниот гребен е единствената разлика меѓу Грција и Турција и дека прашањата поврзани со суверенитетот се вон дискусија.
Дополнително, станало збор и за изборот на нов лидер на кипарските Турци и претстојниот неформален проширен состанок за кипарското прашање. ср/
Фото: Министерство за надворешни работи на Грција