• сабота, 28 декември 2024

„Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветановски со награда за најдобар долгометражен филм во Софија

„Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветановски со награда за најдобар долгометражен филм во Софија

Скопје, 18 јуни 2023 (МИА) - „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветановски се закити со наградата најдобар долгометражен филм на фестивалот „In the Palace“ викендов во Софија. Ова беше воедно и премиера на филмот на Цветановски, а режисерот во Бугарија пристигна заедно со дел од екипата.

Јубилејното 20. издание на „In the Palace“ годинава се одржуваше паралелно во четири града во Бугарија - Софија, Перник, Пловдив и Варна. „Бизнисот на задоволството“ по проекциите наиде на одлични реакции и голем интерес.

-Многу ме радува тоа што наградата ја додели публиката. На крајот на краиштата, секое филмско дело постои токму за гледачите. Неизмерно се радувам за ваквиот светол почеток за фестивалската кариера на филмот, изјави авторот Цветановски.

Фестивалот „In the Palace“ е еден од најголемите фестивали во Европа за краток филм, а победникот во оваа категорија влегува директно во кратката листа на кандидати за Оскар. Последните години фестивалот ја воведе и селекцијата долгометражни филмови каде што, според зборовите на организаторот, пристигнуваат одлични европски наслови.

„Бизнисот на задоволството“ е политички трилер - драма. Опседната со исчезнувањето на нејзината најдобра пријателка, новинарка подготвува тајна операција со цел да ја разоткрие мрежата за трговија со жени. Но, како што нејзините соучесници се приближуваат до шефот, ситуацијата излегува од контрола.

Улогите ги толкуваат: Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска. Директор на фотографија е Фејми Даут, кој по успехот со „Медена земја“ за првпат се потпишува како кинематографер на долгометражен игран филм.

„Бизнисот на задоволството“ е снимен со поддршка на Агенцијата за филм. Цветановски на македонската публика ѝ е познат преку серијалот „Светот на Биби“, а подолго време работи и на првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“.вј/

Фото: „In the Palace“

Остани поврзан