• сабота, 23 ноември 2024

Бешлиовска: Мора да се донесе закон за сестринска професија, да се работи на кариерниот развој на сестрите

Бешлиовска: Мора да се донесе закон за сестринска професија, да се работи на кариерниот развој на сестрите

Скопје, 11 април 2024 (МИА) - Мора да се донесе закон за сестринска професија и да се формира Комора, да се работи на кариерниот развој на сестрите во здравството, порачаа денеска од Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри - „За нас“, на настанот организиран по повод формирањето на Друштвото на офталмолошки сестри и првиот симпозиум на тема „Нови перспективи во офталмологијата“. 

- Тој закон ќе ги проектира сестрите во болниците, ќе ги рефлектира преку законски компетенции, работни задачи и одговорности, ќе го донесе кариерниот развој на сестрите. Тоа значи дека сестрите ќе треба да добијат академски студии, тоа значи дека сестрите ќе треба да се остварат во образованието како едукатори и како предавачи и тоа значи дека една сестра кога ќе се вработи, нема да се пензионира како сестра, туку ќе има можност за напредок во нивоа по специјалности и да се школува како што впрочем е во целиот свет, истакна Гордана Бешлиовска, претседателка на Здружението „За нас“ во изјава за МИА. 

Бешлиовска потсети дека постојано се залагаат за подобрување на условите за работа и зголемување на платите, за поголемо достоинство во професијата. 

- Овој симпозиум за офталмолошките сестри е голем исчекор за едукацијата на медицинските сестри, затоа што никогаш до сега не се случило сестрите од офталмологијата да ги споделуваат стручните знаења, перспективи и достигнувања во сестринството со другите сестри. Симпозиумите се места каде доаѓаат сестри од сите области и имаат можност да слушнат, да се обучат, додаде Бешлиовска. 

Информираше дека Здружението од вчера станало официјален член на Европската асоцијација на сестри со специјалистички студии.

Доктор Злате Мехмедовиќ, национален координатор за реформи во примарната здравствена заштита изјави дека интенцијата на создавање вакви друштва е да се унапредуваат сестрите во својата професија.

- Ваквите специјалистички друштва што се формираат, се со цел да има континуирана медицинска едукација во сестринската професија, нешто што е налик на докторската професија, со што всушност ќе овозможиме и автономност на сестрите, да можат автономно да постапуваат во одредени процедури, согласно компетенциите и стручноста што ја имаат со таа специјалност, нагласи Мехмедовиќ во изјава за МИА. бд/бак/

Фото: МИА 

Остани поврзан