• среда, 25 декември 2024

Бесплатен превоз за аеромитингот по повод 100 години Македонска авијација

Бесплатен превоз за аеромитингот по повод 100 години Македонска авијација

Скопје, 14 септември 2023 (МИА) - Обезбеден е бесплатен превоз за граѓаните за големиот аеромитинг, што ќе се одржи в сабота на спортскиот аеродром „Стенковец“, во рамки на одбележувањето на јубилејот - 100 години Македонска авијација, соопштија денеска од аероклуб „Скопје“.

- Граѓаните може да ги користат бесплатните автобуски линии што тргнуваат наутро, во сабота, од 08.30 часот, од пет локации во Скопје: Автокоманда - кај ЈСП, Транспортен центар, Ѓорче Петров - кај пазарот на вториот кружен тек, Бутел - кај „Еделпром“ и од спортската сала „Борис Трајковски“. Автобусите ќе возат во двата правци. Од 08.30 до 14 часот кон аеродромот „Стенковец“, а од 14.30 до 19 часот кон петте локации во Скопје, се појаснува во соопштението.

На посетителите од Скопје им се препорачува наместо со автомобил, на „Стенковец“ да дојдат со бесплатните автобуси, бидејќи паркинг местата се со ограничен капацитет.

- И влезот на аеромитингот е бесплатен. Аеродромските врати за посетители ќе бидат отворени во девет часот наутро, а официјалната програма почнува во 11 часот. Посетителите ќе уживаат во акробатско летање со авиони, прелети во група и низок прелет на патнички авион. Падобранците ќе го развеат најголемото државно знаме од воздух, а едриличарите ќе презентираат неверојатни акробации, се додава во соопштението.

Специјални гости ќе бидат авиони од воздушните сили на Србија, Италија и на Грција.

- На аеромитингот ќе биде изложен и единствениот македонски воздухоплов дизајниран и произведен од членови на аероклубот - „Илинденка“, кој претставува „светиот грал“ на македонското воздухопловство. Во соработка со Министерството за одбрана на Република Северна Македонија, „Илинденка“ ќе може да ја видат посетителите на овој настан, се истакнува во соопштението. бд/лв/

Фото: Аероклуб „Скопје“ - Фејсбук страница

Остани поврзан