• среда, 27 ноември 2024

Бербок: ЕУ до јули треба да ги почне преговорите со Скопје и Тирана

Бербок: ЕУ до јули треба да ги почне преговорите со Скопје и Тирана
Луксембург, 11 април 2022 (МИА) - Северна Македонија и Албанија треба да ги започнат преговорите за членство во ЕУ во првата половина на 2022 година, изјави германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок. - Земјите како Украина, како и други држави, одамна ја гледаат својата иднина во ЕУ. Не само што нема да ги разочараме овие земји, туку ќе го одржиме ветувањето за членство во Европската унија. Тоа важи и за некои земји од Западен Балкан, пред се Албанија и Северна Македонија, и токму затоа сега во првата половина од годината мора конечно да ги започнеме пристапните преговори со Тирана и Скопје, рече Бербок по средбата на министрите за надворешни работи на ЕУ во Луксембург. Според неа, отворањето на пристапните преговори со двете земји е одамна задоцнет чекор. Бербок нагласи дека имала билатерални разговори со бугарската министерка за надворешни работи Теодора Генчовска, при што двете се согласиле дека во сегашната ситуација клучно е да започнат преговорите за влез на Албанија и Северна Македонија во ЕУ. Таа упати порака и до српските власти дека мора да ги поддржат политиките на ЕУ, вклучително и санкциите кон Русија, доколку Белград сака да стане дел од Европската унија. - Истото важи и за другите земји од Западен Балкан, кои овие недели јасно ставија до знаење дека повеќето од нив својата иднина, својата безбедност ја гледаат во ЕУ. Затоа тие ги поддржуваат европските санкции. Ако некој претендира да стане член на Европската унија, што Србија го сака, тогаш поддршката за надворешната политика на ЕУ и поддршката за санкциите е клучна, рече Бербок.са/дма/  

Остани поврзан