• среда, 25 декември 2024

Белата куќа повика да се почитува редот и законот во земјата

Белата куќа повика да се почитува редот и законот во земјата
Вашингтон, 1 јуни 2020 (МИА) - Од Белата куќа денеска уште еднаш укажаа дека наводно зад протестите стојат екстремисти од левичарската организација „Антифа“ и ги повикаа демонстрантите да го почитуваат „редот и законот“. Ова денеска за телевизијата Фокс њуз го изјави Кејли Мекенани, портпаролка на Белата куќа. Претседателот Доналд Трамп пак синоќа „Антифа“ ја именуваше како терористичка организација. Денеска тој има средба зад затворени врати со јавниот обвинител Вилијам Бар, а потоа ќе одржи телеконференција со гувернерите и претставниците на безбедносните служби и органи задолжени за националната безбедност. Синоќа, полицијата и пожарните служби ги гасеа пожарите околу Белата куќа и ги протеруваа демонстрантите, кои кршеа излози и вршеа грабежи, како во престолнината, така и во други места како Атланта, Њујорк и во некои градови на јужна Калифорнија. За воспоставување на поредокот во САД, во 23 сојузни држави и во Вашингтон е ангажирана и Националната гарда. Синоќа во Луисвил, Кентаки, загина едно лица, откако полицијата и Националната гарда отворија оган во обид да ја растераат толпата. Немирите започнаа во Минеаполис во понеделникот, по убиството на Џорџ Флојд, Афроамериканец, кој почина како последица на брутално полициско однесување за време на апсење. кб/

Остани поврзан