• сабота, 23 ноември 2024

Бектеши: Не може да се случи недостиг на нафта и нафтени деривати

Бектеши: Не може да се случи недостиг на нафта и нафтени деривати

Скопје, 7 февруари 2023 (МИА) - Политика на Владата е да ги следи санкциите што ги воведува Европската Унија кон Русија, но недостиг на нафта и нафтени деривати не може да се случи по најновата одлука на Европската комисија да се забрани увоз на руско дизел-гориво, порача денеска министерот за економија Крешник Бектеши. 

 

- Одлуката да се забрани користење руско дизел-гориво нема да има големо влијание во државава. За санкциите и порано сме кажале дека владина политика е да ги следиме сите санкции кои ги носи Европската комисија и така најверојатно ќе продолжиме, рече Бектеши во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Владата.

 

Тој нагласи дека очекуваат Министерството за надворешни работи да даде препорака до Владата за воведување санкции согласно одлуката на Европската комисија.

 

- Тие од 15 до 20 отсто можат да се покриваат и од други извори на снабдување. Не може да се случи недостиг на нафта и нафтени деривати. Сепак, околу евентуалното зголемување на цената може да кажам дека нивната цена е берзанска, а Владата може да влијае само во делот на давачките – акциза, ДДВ и други давачки, прецизира Бектеши.

 

Согласно податоците од Регулаторната комисија за енергетика, како што кажа, во земјава во последните неколку години не повеќе од 20 отсто е користена нафта од руски рафинерии, главно од една компанија која има руски капитал, а другата е увезена од Хеленик петролеум, кој главно користи од туѓи извори. вј/мч/

Остани поврзан