• недела, 29 декември 2024

Бајрами: Нашата мисија како припадници на Армијата, продолжува со нови предизвици и искушенија

Бајрами: Нашата мисија како припадници на Армијата, продолжува со нови предизвици и искушенија
Скопје, 29 јуни 2021 (МИА) – За еден војник и офицер нема ништо повозвишено од тоа да ја претставува својата земја и својата Армија на една меѓународна мисија, како што беше ИСАФ. Подготовките на контингентот за што подостојно претставување на Армијата, нашата земја и нашата култура беа сеопфатни, а во стручниот дел голема поддршка добивме од припадниците на германските вооружени сили стационирани во Косово, вели потполковник Фето Бајрами, командант на првиот контингент на Армијата на Република Северна Македонија упатен во мисија ИСАФ во Исламска Република Авганистан во март 2003 година. Бајрами во своето обраќање денеска истакна дека предизвикот да се претставува Армијата на државата во тоа време аспирант за членство во НАТО алијансата е огромен, но нивната одлучност, неизмерната работа и обуката се придонес за достојно трасирање на патот за идните генерации кои продолжуваат да бележат успеси на мисиите во Авганистан. Тој додава дека цената да се сочува и изгради мирот во Авганистан е огромна. Сведочеле на положување на животи на нивни колеги по оружје од другите земји, за што им оддава голема почит, но тоа не било причина да се обесхрабрат во нивните намери и да ја исполнат дадената мисија во поддршка на граѓаните и институциите на Исламската Република Авганистан. -Денес, после 18 години го живееме сонот кој го мечтаевме во тоа време, а тоа е – нашата држава е членка на НАТО алијансата, а нашата мисија како припадници на Армијата, продолжува со нови предизвици и искушенија, истакна потполковник Фето Бајрами во своето обраќање. На денешниот настан по повод враќањето на последниот наш мировен контингент од Авганистан се обратија и претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски и министерката за одбрана Радмила Шеќеринска. На настанот присуствуваа и началникот на Генералштабот, генералот Васко Ѓурчиновски, амбасадорката на САД, Кејт Мери Брнс и турскиот амбасадор Хасан Мехмед Секизкок, генералите во Армијата и претставници на Воено – дипломатскиот кор. –Сега и вие и вашите најблиски можете да воздивнете со големо олеснување бидејќи ни се вративте дома живи и здрави. Вие бевте таму во служба на својата земја, но и во служба на народот на Авганистан кој треба да ги ужива истите права што ги имаат и другите народи во светот. Затоа сакам во свое лично име, но верувам и во име на сите наши граѓани да ви искажам огромна благодарност, рече Пендаровски. Во своето обраќање Шеќеринска им честита на мировниците за напорот, жртвата, одговорноста, ризикот и работата со која ја претставија државата во најдобро светло. - Нашето денешно членство во НАТО е заслуга на сите над 500 армиски припадници во мисијата „Одлучна поддршка“ и над три илјади во мисијата „ИСАФ“ што започна во 2002 година. Вие бевте не само влезница за сите нас да можеме да ја претставиме државата во НАТО, вие бевте влезницата на Република Северна Македонија да пристапи кон најмоќната воено политичка алијанса, нагласи меѓу другото таа. По цели 19 години, Северна Македонија ги повлече своите војници од Авганистан, согласно одлуката на сите земји-членки на Алијансата за завршување на мисијата „Одлучна поддршка“. Со тоа заврши и долгото учество на Армијата во мисиите на НАТО – „ИСАФ“ и „Одлучната поддршка“ во Авганистан. ки/цр

Остани поврзан