• вторник, 14 јануари 2025

Бајден: САД победуваат во глобалната конкуренција

Бајден: САД победуваат во глобалната конкуренција

Вашингтон, 14 јануари 2025 (МИА) - Американскиот претседател Џо Бајден во заминување, во настап синоќа во Стејт департментот, давајќи преглед на дипломатските успеси на неговата администрација, изјави дека „САД победуваат во глобалната конкуренција“ и дека нема да бидат економски достигнати од Кина како што претходно се прогнозирало, додека Русија и Иран биле ослабени од војните во кои САД немаат директно учество.

Во својот говор на една недела пред да ја напушти Белата куќа, претседателот ја пофали работата на неговата администрација во однос на проширувањето на НАТО, со повиците до сојузниците да ја зголемат помошта за Украина.

-Украина, со поддршка на САД, ја наруши целта на рускиот претседател Владимир Путин да ја избрише земјата од мапата, изјави Бајден, напоменувајќи за својата посета на Киев во 2023 година како прва посета на актуелен американски претседател во зона на конфликт што не е под контрола на американски сили.

Додаде дека авторитарните држави како Кина, Иран, Северна Кореја и Русија, сега имале поблиски врски и меѓусебно соработувале, но дека тоа се случило „поради нивната слабост, а не сила.“

-Кога Путин ја нападна Украина, мислеше дека ќе му бидат потребни само неколку дена за да го освои Киев. Но она што е вистина е дека од почетокот на војната јас сум тој што дојде и стоеше во Киев, не тој, рече Бајден.

Тој го одбрани своето решение за повлекување на американските трупи од Авганистан, нагласувајќи дека противниците како  Кина и Русија ништо немало да ги израдува повеќе од тоа САД да бидат постојано вмешани во таков конфликт уште цела деценија.

Бајден рече дека кога ја презел функцијата, експертите предвидувале неизбежна економска доминација на Кина над САД. Сега, според него, тоа никогаш нема да се случи. Тој истакна дека американската економија напредува, но дека останува уште многу работа.

-Да не се залажуваме, пред САД стојат сериозни предизвици кои мора да продолжиме да ги надминуваме, изјави Бајден, споменувајќи ја Украина, Блискиот Исток и индотихоокеанскиот регион. Тој додаде дека неговата администрацијата остава на следната администрација  „многу силни карти.“ кб/сд/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан