• вторник, 24 декември 2024

Бан Ки-мун: Разочаран сум од тоа што Путин му го направи на украинскиот народ, но и од молкот на многу земји

Бан Ки-мун: Разочаран сум од тоа што Путин му го направи на украинскиот народ, но и од молкот на многу земји
Атина, 29 септември 2022 (МИА) - Разочараност за постапките на претседателот на Русија Владимир Путин, но и за молкот од многу земји за руската агресија врз Украина, изрази поранешниот генерален секретар на Обединетите нации Бан Ки-мун за време на неговото учество на десеттиот „Athens democracy forum“, јави дописничката на МИА од Атина. Ки-мун заедно со професорот од Универзитетот „Колумбија“ Џефри Сакс учествуваа во дијалогот Конфуциј - Аристотел, анализирајќи ги актуелните теми поврзани со демократијата и глобализацијата од призмата на двајцата филозофи. Конфуциј, односно поранешниот генерален секретар на ОН, говорејќи за руската инвазија на Украина, освен што изрази разочарување од рускиот претседател, повтори дека како заменик-претседател и член на организацијата „The Elders“ основана од Нелсон Мандела ја осудиле агресијата и ја повикале меѓународната заедница да формира посебен криминален судија. -Додека бев генерален секретар, многупати се сретнав со Путин, но длабоко, длабоко сум разочаран за тоа што му го направи на украинскиот народ. Неговата илегална агресија на Украина би требало да биде осудена на најсилен можен начин, рече Ки-мун и додаде дека заедно со поранешниот претседател на Колумбија ја посетил Украина минатиот месец. Паралелно, изрази разочарување и од молкот од многу земји во светот, велејќи дека „освен Америка, Европа и некои земји од Азија, како Јапонија и Јужна Кореа, многу други земји од Африка, Латинска Америка, Блискиот Исток молчат“. -Во овој случај на агресија, молкот не е опција,бруталноста не е опција. И како што има кажано надбискупот Десмонд Туту, „ако молчиш пред неправдата, тогаш значи дека ја избираш страната на угнетувачот“, порача поранешниот генерален секретар на ОН. Говорејќи за денешниот свет, истакна дека „нешто недостига во квалитетот на лидерството“, објаснувајќи дека она што недостига е „глобална визија и глобално државјанство“, односно глобална визија која ќе создаде граѓани кои ќе гледаат подалеку од границите на својата земја. Од друга страна, професорот Џефри Сакс во улога на грчкиот филозоф Аристотел, се обиде да ја објасни причината за конфликтот меѓу Истокот и Западот, со фокус на војната во Украина и руската агресија и рече дека со оглед на неговото искуство како советник на многу лидери и од двете страни, знае дека Западот отстапи од своите ветувања дека нема НАТО да се прошири кон исток. Демократија и демократските вредности се во фокусот на „Athens democracy forum“, што оваа година се одржува по десетти пат, а свечено беше отворен вчера со обраќање на претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу. Првиот ден од форумот заврши со доделувањето на 22-та годишна награда на град Атина, што оваа година ја доби украинскиот народ. Атинскиот градоначалник Костас Бакојанис, наградата, виртуелно му ја додели на претседателот на Украина Володимир Зеленски, кој во видео пораката ѝ се заблагодари на Грција за огромната поддршка и истакна дека за него е голема чест да ја прими наградата за нивниот „придонес за заштита на сите демократски вредности“. Вечерва, на форумот ќе говори претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен. ср/сд/

Остани поврзан