• вторник, 24 декември 2024

Бабовски учесник на министерската конференција за здравје на животните во Брисел и дел од прославата на 100-годишнината од основањето на WOAH

Бабовски учесник на министерската конференција за здравје на животните во Брисел и дел од прославата на 100-годишнината од основањето на WOAH

Скопје, 25 јануари 2024 (МИА) - Директор на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) и генерален секретар на регионалното претставништво на Светската организација за здравствена заштита на животните за Европа – WOAH, Николче Бабовски вчера во Брисел учествуваше на министерската конференција за здравје на животните – „Биосигурност и вакцинација основни алатки за превенција, контрола и ерадикација на болестите кај животните“. 

Конференцијата, како што информираат од АХВ, е организирана под Белгиското претседателство со Советот на Европската Унија и на неа беше истакната важноста на превентивниот пристап заснован на биосигурноста и вакцинацијата како примарни алатки во борбата против болестите кај животните.

-Посебно внимание се посвети на состојбите со болестите африканска чума кај свињите и високопатогениот сој на птичји грип. Станува збор за две многу важни епизоотски болести, со значителен зоонотски потенцијал, како што е случај со високопатогениот сој на птичји грип. Нагласен беше напредокот во вакцинацијата против овие и сега две актуелни болести кај животните. Од еминентни стручњаци од Белгија и Италија презентирани беа биосигурносните мерки кои ги имплементираат овие земји и мерките кои ги преземаат во справувањето со болестите кај свињите и живината, рече Бабовски.

Висок претставник од Европската агенција за безбедност на храната (EFSA) ја презентираше моменталната состојба во Европа со болеста африканска чума кај свињите, мерките кои се преземаат за нејзино ставање под контрола и ерадикација. 

-За состојбата со вакцинацијата против болеста птичји грип, на конференцијата споделено беше англиското, француското и холандското искуство, а висок претставник од Генералниот директорат за здравје и безбедност на храната на Европската комисија, ги презентираше новините во европската легислатива за борба против оваа болест кај птиците, истакна Бабовски.

На министерската конференција со која претседаваа Дејвид Кларинвал, вицепремиер и белгиски сојузен министер за земјоделство и Стела Киријакидес, европски комесар за здравје и безбедност на храна, учество зедоа високи претставници од Европската комисија, Светската организација за здравствена заштита на животните (WOAH), министри за земјоделство од неколку европски држави и претставници од ветеринарните служби од Европа, Канада и Јапонија.

Како Генерален секретар на регионалното претставништво на Светската организација за здравствена заштита на животните за Европа – WOAH, директорот на АХВ вчера вечер под Белгиското претседателство со Советот на ЕУ како домаќин, учествуваше и на свечениот настан за одбележување на 100-годишнината од основањето на Светската организација за здравје на животните (WOAH). На свеченоста нагласена беше клучната улога на WOAH во борбата против болестите кај животните, подобрување на нивното здравје на глобално ниво како основа за градење на побезбеден и поздрав свет за сите.

-На настанот потенцирана беше важноста од поврзаноста на здравјето на луѓето, животните и растенијата, поттикнувајќи ја свесноста за исклучителната важност на здравјето на животните во пошироката филозофија на пристапот Едно здравје (One Health), изјави Бабовски.

Република Северна Македонија преку Агенцијата за храна и ветеринарство во рамки на WOAH, додаде, директно е вклучена во процесот на креирање на политиките од областа на здравствената заштита на животните на светско ниво. 

-Со вклученоста на АХВ во оваа светска организација и како држава и како институција се обезбедува непосредно учество во управните тела на оваа организација, во улога на креатор на светските политики за заштита на здравјето на животните и координатор на меѓународната соработка во областа. Регионалното претставништво на WOAH за Европа е надлежно за вкупно 53 држави, потенцира Бабовски и додаде дека како дел од WOAH, валоризиран е досегашниот професионален ангажман и континуирана работа на Агенцијата за храна и ветеринарство на полето на унапредување на здравствената заштита на животните во земјава, а со тоа и заштита на здравјето на луѓето приклучувајќи се кон глобалниот концепт за „Едно здравје“.

WOAH e глобална организација посветена на здравјето на животните. Основана во 1924 година како International Office des Epizooties (OIE). Како меѓувладина организација фокусирана е на транспарентно ширење на информации за болестите кај животните, подобрување на нивното здравје на глобално ниво и на тој начин, изградба на побезбеден, поздрав и поодржлив свет. Со седиште во Париз, WOAH одржува постојана комуникација со над 70 меѓународни и регионални организации и има регионални и подрегионални канцеларии ширум светот. Организацијата и нејзините членки го координираат глобалниот одговор на итни случаи за здравјето на животните, спречување на зоонозни, унапредување на здравјето и благосостојбата на животните и подобар пристап до нивна здравствена заштита. WOAH ги собира и анализира најновите научни информации за контрола на болестите кај животните кои се достапни на земјите – членки во насока на подобрување на методите за контрола и искоренување на болестите. Насоките се подготвени од мрежата од 246 соработнички центри и референтни лаборатории на WOAH низ целиот свет.

На маргините на министерската конференција за здравје на животните ќе се одржи и работен состанок на претставниците на канцеларијата на WOAH на Европа на кој ќе бидат разгледани регионалните приоритети во Европа во областа на здравствената заштита на животните. Дефинирани ќе бидат и активностите во рамки на Платформата за благосостојба на животните, концептот Едно здравје во Европа и механизмите на Глобалната рамка за прогресивна контрола на меѓуграничните болести кај животните (GF TAD’s).вј/

Фото: АХВ

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан