• вторник, 24 декември 2024

АХВ: Времено затворена гостилница во Влае по пријавата за затруени лица

АХВ: Времено затворена гостилница во Влае по пријавата за затруени лица

Скопје, 9 јули 2024 (МИА) - Гостилница во скопската населба Влае е времено затворена по добиената информација од Центарот за јавно здравје дека четири лица се примени на Клиникатата за инфективни болести со симптоми на труење со храна, соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).

Во гостилницата, како што информира АХВ, е спроведен вонреден инспекциски надзор и земени се брисеви од работните површини и примероци од целата инкриминирана храна што ја консумирале лицата. 

Гостилницата ќе биде затворена до добивање на резултатите од земените примероци за лабораториско тестирање.

-По добиена информација од епидемиолог од Центар за јавно здравје за прием на четири лица во Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби со симптоми на труење со храна, инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство енеска, согласно Упатството за постапување по алиментарни интоксикации, спроведоа вонреден инспекциски надзор во гостилница во скопската населба Влае. За лабораториско испитување земени се брисеви од работните површини и примероци од целата инкриминирана храна што ја консумирале лицата. На операторот со храна му се наредени превентивни мерки за чистење и вршење вонредни санитарни прегледи на вработените лица. Од страна на инспекциските служби, гостилницата е времено затворена до добивање на резултатите од земените примероци за лабораториско тестирање, наведува АХВ.

Агенцијата воедно апелира, во услови на високи температури и поголеми ризици од труење со храна, операторите да бидат одговорни и да се придржуваат до HACCP принципите за безбедност и правилата за добра производствена и хигиенска пракса. Потрошувачите, пак, според АХВ, треба да бидат одговорни, да водат сметка и храна да набавуваат од регистрирани оператори, односно да пазарат на начин и во време кога нема опасност да предизвикаат нејзина контаминација поради високите температури. 

Бесплатната телефонска линија за потрошувачите 0800 3 22 22  на Агенцијата за храна и ветеринарство останува отворена за пријавување сомнеж во однос на безбедноста на храната. Претставки до Одделението за заштита на потрошувачите граѓаните може да поднесат и лично и електронски на info@fva.gov.mk. мч/дма/

фото: МИА архива

 

Остани поврзан