Апасиев: Уставните судии мора да покажат кредибилитет и правно знаење за Законот за јазиците
- СООПШТЕНИЕ - Т.н. „Закон за јазици“ со кој, на истиот постоечки Устав, после 20 години, илегално и насилно се воведе противуставна двојазичност мора да биде поништен!
Скопје, 8 декември 2024
Фејсбук објава на лидерот на Политичката партија Левица, проф. д-р Димитар Апасиев:
„т.н. „Закон за јазици“ со кој, на истиот постоечки Устав, после 20 години, илегално и насилно се воведе противуставна двојазичност мора да биде поништен!
Од стручен аспект, формално-правните причини (без да навлегуваме во материјална расправа) се следниве:
1. Законот е прошверцуван во Собранието, спротивно на Деловникот, со фрлање на амандманите на опозицијата во корпа;
2. Законот го нема потребното квалифицирано 2/3 мнозинство кое го бара Уставот за регулирање на судски постапки;
3. Пробиени се преклузивните уставни и законски рокови за промулгација;
4. Указот за прогласување на „законот“ го нема потребниот врзан потпис на Претседателот на Републиката и е објавен во „Службен весник“ спротивно на закон (што е без преседан во досегашната наша уставно-правна историја);
5. Законот е спротивен на меѓународното право и на тоа укажува Венецијанската комисија (составена од експерти по уставно право) при Советот на Европа!
Оттука, уставните судии мора да покажат кредибилитет и правно знаење, а не да бидат уплашени пред налетот на необалистичките пискотници! Оти, како што вели професорот од Универзитетот во Гент – Ван Кенеген: „Па, каква корист имаме ние од судиите ако тие можат да бидат принудени да се сложат со незаконските барања на власта, која е парализирана од класна привилегираност и нема сили да ја скрши ‘кората од обичаи’, со цел да го модернизира и оплемени правниот систем“!?
Сектор за медиуми и односи со јавност при ПП Левица
________________________________________________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.