• четврток, 20 февруари 2025

Анкета: Седум од десет Грци негативно го оценуваат ставот на Владата за железничката несреќа кај Темпи

Анкета: Седум од десет Грци негативно го оценуваат ставот на Владата за железничката несреќа кај Темпи

Атина, 20 февруари 2025 (МИА) – Седум од десет Грци (71 отсто) сметаат дека Владата со своите одлуки не ја олеснила работата на правдата во истрагата за железничката несреќата кај Темпи, а исто толку (72 проценти) сметаат дека имало обид за прикривање од страна на Владата, покажуваат резултатите од истражувањето на јавното мислење на агенцијата „Алко“ за грчката телевизија „Алфа“, јави дописничката на МИА од Атина.

Со последните аудио и видео документи објавени во медиумите и во пресрет на одбележувањето на двегодишнината од трагедијата следниот петок, железничката несреќа во која загинаа 57 лица е една од главните теми во Грција во изминатиот период.

Во однос на тоа колку имаат доверба во судството за истрагата и припишувањето на одговорноста за железничката несреќа, 44 отсто одговориле дека „воопшто немаат“ доверба, 23 проценти имаат „малку“, 20 отсто имаат „доста доверба‘, а само девет проценти одговориле „многу“.

Над осум од десет анкетирани (82 отсто) сметаат дека родителите и роднините на жртвите со своите постапки помогнале во работата на правдата.

На прашањето дали по несреќата, Владата направи сè што треба за да биде безбедно патувањето со воз, 81 отсто одговориле негативно.

Во распоредот на партиите, Нова демократија и понатаму е главна политичка сила во земјата со рејтинг од 24,4 отсто, но намален за 2,2 проценти споредбено со истражувањето на истата агенција од минатиот месец.

На втората позиција е ПАСОК со 13,3 проценти, трета е Комунистичката партија (7,7 отсто), а потоа следат радикално десничарската Грчко решение (7,6 проценти) и СИРИЗА со 7,3 отсто.

Истражувањето на јавното мислење било спроведено од 11 до 16 февруари со анкетирано 1.001 лице со право на глас. ср/ссм

Остани поврзан