Анкета: Речиси седум од десет Грци сметаат дека правдата нема да биде задоволена за железничката несреќа
- Речиси седум од десет Грци (68 отсто) сметаат дека правдата нема да биде задоволена за железничката несреќа кај Темпи пред две години, а паралелно изразуваат незадоволство од напорите што ги прават Владата, судството, но и опозициските партии за расчистување на случајот, согласно резултатите од истражувањето на јавното мислење спроведено од „Прората“ за грчката телевизија „Атика“, јави дописничката на МИА од Атина.

Атина, 26 февруари 2025 (МИА) – Речиси седум од десет Грци (68 отсто) сметаат дека правдата нема да биде задоволена за железничката несреќа кај Темпи пред две години, а паралелно изразуваат незадоволство од напорите што ги прават Владата, судството, но и опозициските партии за расчистување на случајот, согласно резултатите од истражувањето на јавното мислење спроведено од „Прората“ за грчката телевизија „Атика“, јави дописничката на МИА од Атина.
Железничката несреќа кај Темпи се случи на 28 февруари 2023 година при директен судир на товарен и патнички воз и животот го загубија 57 лица, а во пресрет на двегодишнината е актуелна тема во Грција.
На прашањето колку се задоволни од напорите што се прават за расчистување на случајот со железничката несреќа, позитивен став анкетираните изразуваат за иницијативите на семејствата и роднините на жртвите, како и за мобилизацијата на граѓаните.
За напорите на Владата, 77 отсто од испитаниците велат дека „не се воопшто“ или „не толку“ задоволни, а слични се одговорите и за напорите на судството (74 проценти „не се воопшто“ или „не толку“ задоволни) како и за опозициските партии (71 отсто има негативен став).
На политичката сцена, Нова демократија е на првата позиција со 22,5 отсто, втора е ПАСОК со 15 проценти, потоа следи радикално десничарската Грчко решение со 11 отсто, Комунистичката партија и Курс на слобода добиваат 9 проценти, а СИРИЗА е на шестата позиција со 8 отсто. ср/рп/
Фото: Архива МИА