• сабота, 23 ноември 2024

Анкетата на ЕИБ за банките од ЦИЈИЕ открива зајакнување на банкарскиот сектор и очекувања за здрав кредитен раст

Анкетата на ЕИБ за банките од ЦИЈИЕ открива зајакнување на банкарскиот сектор и очекувања за здрав кредитен раст

Скопје, 26 јуни 2024 (МИА) - Банките очекуваат зголемена побарувачка од клиентите за заеми во сите категории, при што се очекува побарувачката за хипотеки да забележи најсилен раст, а корпоративните инвестиции да закрепнат по период на бавен раст, покажува анкетата за кредитирање на банките од Централна, Источна и Југоисточна Европа што ја направи Европската инвестициска банка.

- Затегнувањето на понудата на кредити на почетокот на 2022 година предизвикано од конфликтот во Украина, инфлацијата и повисоките каматни стапки се очекува да заврши наскоро со силни подобрувања во сите сегменти, особено кај хипотеките и потрошувачките заеми, се наведува во соопштението од ЕИБ.

Банките во регионот ги навеле подобрувањето на пазарната перспектива и подобрите услови за финансирање како фактори што придонесуваат за олеснување на кредитните стандарди, сигнализирајќи ја зголемената подготвеност да одобруваат кредит на своите клиенти. По падот минатата година, се предвидува дека годинава стапката на нефункционални заеми да продолжи да се намалува во различни земји од ЦИЈИЕ.

- Позитивната перспектива рефлектирана во Анкетата за кредитирање на банките од ЦИЈИЕ е охрабрувачки знак за економскиот развој на регионот. Како што се зајакнува банкарскиот сектор, очекуваме да видиме континуиран напредок во економската конвергенција на регионот и зголемени инвестиции, отворање работни места и подобар животен стандард низ Централна, Источна и Југоисточна Европа, вели заменик-претседателот на ЕИБ, Киријакос Какурис.

Дополнително, банките велат дека нивната профитабилност во регионот на ЦИЈИЕ во споредба со целокупните операции на групацијата е подобрена, при што подружниците таму се во просек попрофитабилни од нивните матични банки. Во однос на нивните долгорочни стратегии, 58 проценти од прекуграничните банкарски групации ја сигнализирале нивната подготвеност за селективно проширување или одржување на истото ниво на работење во регионот.

- Ова е видливо подобрување во споредба со трите претходни круга на анкетата, каде што оваа бројка беше 50, 45 и 30 проценти, соодветно, велат од ЕИБ.

Според директорката за економија на ЕИБ, Дебора Револтела, анкетата за кредитирање на банките од ЦИЈИЕ открива зајакнување на банкарскиот сектор и очекувања за здрав кредитен раст во целиот регион.

- После предизвикувачки период, банките се сè пооптимистични за економската перспектива и нивните сопствени деловни перспективи. Сепак, финансиите во регионот се речиси исклучиво базирани на банки, додека структурните трансформации и иновации бараат поразновидни извори на финансирање, како и поразвиени и интегрирани пазари на капитал во ЕУ, оценува Револтела.

Истражувањето на ЕИБ обезбедува длабинска анализа на кредитната динамика и развојот на банкарскиот сектор во 12 земји во регионот. Анкетата укажува на позитивна перспектива за кредитирањето во наредните месеци, опфаќајќи 70 локални подружници и домашни банки, како и 12 меѓународни банкарски групации. бак/дма/

Фото: ЕИБ

Остани поврзан