• сабота, 23 ноември 2024

Ангелов: Седум активни пожари, пет ставени под контрола, 31 изгаснати

Ангелов: Седум активни пожари, пет ставени под контрола, 31 изгаснати

Скопје, 11 август 2024 (МИА) – На територијата на државава во моментов има седум активни пожари на отворено и шумски пожари, пет се ставени под контрола, а 31 се целосно изгаснати, информираше директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов.

Според информациите на Ангелов, најголемиот пожар кај Јасен постепено се става под контрола. 

-Најголемиот пожар, пожарот „монструм“ постепено го ставаме под контрола. Кракот кон Јасен е сѐ уште активен иако со помал обем. Таму на лице место дејствуваат 20 вработени во „Јасен“ помогнати од локални пожарникари со противпожарно возило од Македонски Брод, информираше Ангелов.

Вториот крак, како што дополни, односно кракот кој што се движеше кон викенд населбата на езерото Козјак е целосно изгаснат и се гледа горење или чадење во внатрешноста на изгореното.

-Над самата викенд населба е изработен против противпожарен појас кој нема да дозволи приближување на пожарот во викенд населбата доколку се реактивира, рече директорот на ЦУК, дополнувајќи дека третиот крак се шири кон село Белица, кон рибникот Белица, каде што се наоѓаат 20 припадници на македонската Армија со поддршка на локални пожарникари од Македонски Брод и нема опасност да се прошири.

Вториот пожар се одвива на територијата на Општина Охирд, конкретно планината Галичица, но истиот, како што информираше Ангелов, се префрлил од Ресенска страна каде што гори од врвот Магаро до Стење.

-Врз овој пожар дејствуваат 18 храбри доброволци на Црвениот крст, дел од планинската спасителска служба од Охрид кои што со хеликоптер ги пренесовме до врвот Магаро од каде што постепено се спуштаат и дејствуваат врз овој пожар каде гори трева и нискостеблесто растеније, рече тој, дополнувајќи оти верува дека пожарот ќе биде сопрен и нема да ги загрози населбите во подножјето на планината.

Во врска со пожарот во пелагонискиот регион, во Општина Новаци, Ангелов информираше дека се одлучиле денеска да сејствуваат со воздухоплови.

-Врз овој пожар денеска одлучивме да дејствуваме со воздухоплови, испратени се два хеликоптера, еден голем полициски и еден словенечки со ведро од по 2,5 тона. Гори ниска вегетација, трева, гори на тешко пристапен, карпест терен каде што дејството од земја е многу ограничено. Самиот пожар може да се развие во други насоки, линијата на огнот на некои места можеби е широка 10 километри, рече Ангелов.

За пожарите во Кичево информираше дека врз нив веќе дејствуаат со шест ер-трактори, додека, кај пожарот на територијата на Македонски Брод дејствуваат припадници на Национални шуми. ар/вј/

Фото: МИА архива 

Остани поврзан