Ангеловска-Бежоска: За да се искористат предностите од СЕПА, најважно е банките да се подготват оперативно
- Гувернерката, Анита Ангеловска-Бежоска и директорот на Канцеларијата на Светската банка во земјава, Масимилиано Паолучи, ја отворија работилницата „Техничките и правните аспекти за приклучување кон системот за плаќање во евра СЕПА“, на која учествуваа претставници на Светската банка, Европската централна банка, Европскиот платежен совет, на Италијанската асоцијација на банки и на други финансиски институции.
Скопје, 29 јануари 2025
Гувернерката, Анита Ангеловска-Бежоска и директорот на Канцеларијата на Светската банка во земјава, Масимилиано Паолучи, ја отворија работилницата „Техничките и правните аспекти за приклучување кон системот за плаќање во евра СЕПА“, на која учествуваа претставници на Светската банка, Европската централна банка, Европскиот платежен совет, на Италијанската асоцијација на банки и на други финансиски институции.
„Би сакал да ја истакнам посветеноста на Светската банка на поддршката на Северна Македонија на нејзиниот пат кон СЕПА и опсежните реформи за модернизација на плаќањата. Би сакал да ја пофалам Народната банка на Република Северна Македонија за унапредувањето на основните правни и политички реформи во дигиталните плаќања и финансиската вклученост. Исто така, би сакал да ѝ оддадам признание на индустријата и нејзината значајна улога во успешното користење на оваа средина којашто е поволна за воведување иновации и овозможува поголема ефикасност за крајните корисници. Заедно, можеме да создадеме поинклузивен и поефикасен финансиски екосистем којшто ќе биде во корист на сите во земјата“, истакна Паолучи, директорот на Канцеларијата на Светската банка во земјава.
Во обраќањето гувернерката истакна дека нашето барање за пристап кон СЕПА е поднесено во јули минатата година, што е одраз на повеќегодишните напори за усогласување на нашата финансиска регулатива со европската. Пристапот кон СЕПА би бил историски исчекор којшто ќе им овозможи на нашите банки, и покрај тоа што не сме членки на ЕУ, да пристапат на европските платежни системи. Ова треба да доведе до побрзи, посигурни и поевтини прекугранични плаќања. Во моментов, за плаќања од ЕУ кон земјите од Западен Балкан трошоците се повисоки за 12 пати во однос на трошоците за плаќање помеѓу земјите од ЕУ.
Се очекува дека нашето барање за членство во СЕПА наскоро ќе биде одобрено од Европскиот совет за плаќања. Сепак, за да се искористат овие можности, од голема важност е банките да се подготват оперативно. „Иако придобивките од пристапувањето во СЕПА се јасни, мора да признаеме дека нѐ очекуваат и предизвици. Заедно со банкарскиот сектор посветено ќе работиме на обезбедувањето целосна подготвеност за интегрирање во СЕПА до октомври 2025 година, што е првиот можен датум за влез на банките од земјите од Западен Балкан коишто се членки на СЕПА. Народната банка, во соработка со меѓународните партнери, ќе работи и во иднина на поттикнување и олеснување на овој премин, обезбедувајќи техничка поддршка и регулаторен надзор за непречен и ефикасен процес на интеграција“, нагласи Ангеловска-Бежоска, укажувајќи и дека за таа цел е формиран Управувачкиот комитет во рамките на Директоратот за соседство и преговори за проширување при Европската комисија.
Кабинет на гувернерот
Фото: Кабинет на гувернерот
__________________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.