• петок, 27 декември 2024

Амнести Интернешнл загрижен за последните ЕУ предлози за борба против тероризам

Амнести Интернешнл загрижен за последните ЕУ предлози за борба против тероризам
Брисел, 9 декември 2020 (МИА) – Европската Комисија попладнево ја презентираше својата нова стратегија за безбедност и борба против тероризмот, но невладините организации за заштита на човекови права скептично гледаат на овие предлози како ризик за слободата на изразување, јави дописничката на МИА од Брисел. Новата антитерористичка агенда за ЕУ што ја предлага Европската Комисија содржи низа предлози за подобра заштита на граѓаните на ЕУ, на жртвите на тероризмот, зајакнување на мандатот на Европол како и спречување радикализација и антиципирање на заканите. Конкретно Комисијата во овој дел предлага нови правила за „итно“ отстранување на „терористички содржини на интернет“ и зајакнување на технологиите за надзор онлајн, со цел спречување на екстремизмот и насилната радикализација. Но, предупредува Амнести Интернешнл, една од највлијателните организации за заштита на човековите права, овој предлог на Европската Комисија претставува директна закана за слободите и правата на граѓаните на ЕУ. - Премисата на предлогот е погрешна, таа лажно претпоставува дека поголем надзор и повеќе рестрикции врз нашата слобода на изразување се цената што треба да ја платиме за нашата слобода, но нашите човекови права стануваат поважни во време на криза, не помалку важни, изјави Ив Геди, директорката на АИ задолжена за институциите на ЕУ. Комисијата предлага поголема употреба на дронови за надзор на јавни места, а, алармира, Амнести, предлогот ја загрозува и енкрипцијата онлајн. - Предлогот не ја крие својата волја за зголемување на технологиите за предвидување на „абнормално или девијантно однесување и ризиците од радикализација“. Грешка е да се мисли дека овие технологии се неутрални. Знаеме дека тие најчесто таргетираат лица од одредени расни, верски и етнички групи, таквото профилирање, како и многу други мерки против тероризмот, имаат дискриминаторски ефект пред сѐ врз муслиманите и оние кои се перципираат како муслимани, предупредува АИ. Организацијата стравува дека слободата на говор ќе биде директно загрозена со овие предлози и потсетува дека ЕУ има обврска да го заштити секој вид на говор доколку не е говор на омраза и повик за насилство. Загрозувањето на човековите слободи и таргетирањето на малцински групи „нема да нѐ направи побезбедни“, смета организацијата, туку дополнително ќе ги зголеми поделбите во општеството. Хјуман Рајтс Воч неодамна исто така предупреди дека нацрт регулативата на ЕУ за „терористички содржини“ на интернет претставува „сериозен ризик за човековите права и владеењето на правото“. Европската Комисија од своја страна оценува дека овој предлог ќе донесе поголема безбедност за граѓаните во ЕУ и уверува дека нејзините предлози се темелат на законот. - Европскиот начин на живот не е опција и мораме да сториме сѐ што е во наша моќ за да ги спречиме оние кои се обидуваат да го урнат. Со денешната Агенда против тероризмот го ставаме фокусот на инвестирање во отпорноста на нашите општества со мерки за подобро спречување на радикализацијата и заштита на нашите јавни простори од напади, изјави Маргаритис Схинас, потпретседател на Европската Комисија задолжен за европскиот начин на живот. тм/гт/

Остани поврзан