Ал Ануни: На Иран никогаш не смее да му се дозволи да се здобие со нуклеарно оружје
- Ние ќе продолжиме да придонесуваме во сите напори за намалување на тензиите и за постигнување трајно решение за иранското нуклеарно прашање, до кое може да се дојде само преку преговори, изјави Ал Ануни.
Брисел, 4 јули 2025 (МИА) - Европската Унија се залага за постигнување трајно решение за иранското нуклеарно прашање, останувајќи на ставот дека на Иран никогаш не смее да му се дозволи да се здобие со нуклеарно оружје, порача денеска портпаролот на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Ануар Ал Ануни.
- Ние ќе продолжиме да придонесуваме во сите напори за намалување на тензиите и за постигнување трајно решение за иранското нуклеарно прашање, до кое може да се дојде само преку преговори, изјави Ал Ануни.
Тој потсети дека високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас и шефовите на дипломатиите на Велика Британија, Германија и Франција во заедничка изјава изразија загриженост во врска со проширувањето на иранската нуклеарна програма, за која, како што рече, нема веродостојни докази дека е наменета за цивилни цели.
Ал Ануни нагласи дека ЕУ ја реафирмира својата поддршка на Меѓународна агенција за атомска енергија и на Договорот за неширење на нуклеарното оружје, кој е камен-темелник на глобалниот поредок.
- Го повикуваме Иран целосно да ги спроведе своите обврските од Договорот за неширење на нуклеарното оружје, додаде Ал Ануни. сп/
Фото: МИА Архива