• петок, 13 февруари 2026

Алиу најави четири начини за плаќање паркинг на Клинички, за онколошките пациенти ќе продолжи да биде бесплатен

Алиу најави четири начини за плаќање паркинг на Клинички, за онколошките пациенти ќе продолжи да биде бесплатен

Скопје, 12 февруари 2026 (МИА) - Министерот за здравство Азир Алиу на денешната прес-конференција за решавање на проблемот со паркирање во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ најави дека во план е да има четири вида за плаќање паркинг во иднина.

- Ќе има неколку вида за плаќање на паркинг-местата. Онколошките пациенти и сега имаат бесплатно паркинг-место, тоа ќе продолжи да биде така. Пациентите што се лекуваат тука ќе плаќаат цена што ќе биде достапна за нив и нема да биде комерцијална. Вработените во Клиничкиот центар ќе имаат цена што е достапна за администрација. На крајот, ќе имаме цена што ќе биде комерцијална, како на сите паркинг-места што има комерцијални цени. Тоа ќе биде за граѓаните што се паркираат поради други причини или за да посетат некој близок, хоспитализиран во кампусот „Мајка Тереза“ во Скопје - појасни Алиу, одговарајќи на новинарско прашање за цените за паркирање.

Тој информира дека во план е преку апликација од дома да се резервира паркинг-место со број на упат или пред рампата да се скенира кодот од упатот. Според предвиденото, ќе може да се плаќа онлајн на апликацијата или како досега - со кеш или картичка.

Според првичните анализи, до јуни треба да има и катни гаражи што ќе може да се користат. Бројот на катните гаражи, како што информира министерот, ќе биде максимум три.

- Идејата е да имаме слободни паркинг-места колку што ни се потребни. Направена е анализа според последните три години колку се користи. Пикот е некаде од 10 до 15 часот во Клиничкиот центар - додаде Алиу.

На прашањето каде се планирани катните гаражи, министерот рече дека трите локации за кои досега се зборувало се една кај модуларната болница, вториот простор за катна гаража е до Гинекологија и третиот е кај хелиодромот.

- Од каде ќе се почне, зависи од Јавното претпријатие „Градски паркинг“ - одговори тој на новинарско прашање.

Министерот рече дека просторот на Клинички ќе биде уреден со зеленило, пешачки патеки, со брза патека за брзата помош, а во план е да се отвори и нов влез, кој ќе биде кај Кардиологија и Кардиохирургија, за пациенти на кои секој миг им е важен за животот.

- По месеци интензивна работа и поминување на сите неопходни административни и правни процедури, конечно стигнавме до одлука, со која го решаваме деценискиот проблем со паркирањето во кругот на клиничкиот комплекс. Ова прашање го најавивме како еден од првите приоритети, но чие затворање беше условено од сложени постапки и усогласувања. Со последната одлука на Владата, донесена на седницата во вторникот, оваа работа добива јасна институционална рамка и се отвора патот кон трајно решение во интерес на пациентите и сите вработени во комплексот клиники - изјави Алиу на прес-конференцијата.

Тој додаде дека станува збор за одлука за давање под закуп недвижни ствари со непосредна спогодба со Град Скопје заради организирање, управување, уредување и одржување на паркиралиштата во просторот на комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.

- Во следната фаза Град Скопје ќе почне со проектирање и изградба на катните гаражи. Договорот ќе биде склучен на 15 години, со закупнина во висина од 10 проценти од вкупно остварениот промет и со него овозможуваме модернизација и значително зголемување на капацитетите за паркирање за 50 отсто. Со оваа одлука се овозможува просторно доуредување и изградба на катни гаражи. Во рамките на нашите заложби за дигитализација предвидуваме комплетен мониторинг на паркирањето, при што ќе бидат поставени информативни табли, а ќе има и посебен дигитален водич што ќе ги насочува граѓаните - додаде Алиу.

Тој најави дека предвидено е и урбано и хортикултурно уредување на просторот со зеленило, пешачки патеки и ЛЕД-осветление. Исто така, како што најави, ќе биде имплементиран и таканаречен паметен паркинг-систем со интегрирани сензори на секое паркинг-место за детекција на слободни места, камери со автоматска регистрација на возила, мобилна апликација за реално време за резервации и уплати, како и поврзување со фискален систем и е-управување.

- Нашата визија е здравството да функционира не само во операционите сали, туку и во логистиката. Денес го правиме токму тоа. Паркингот можеби изгледа како мал чекор, но редот почнува токму од вакви чекори бидејќи со години илјадници луѓе го почнуваат своето лекување со нервоза, неизвесност и хаос пред рампите на Клиничкиот центар. Тоа не е само проблем со паркингот - тоа е чувство дека системот не функционира - дециден беше министерот за здравство.

Алиу истакна дека пациентите заслужуваат ред, достоинство и функционален систем.

- Решавањето на проблемот со паркингот е дел од поширока трансформација на здравствениот систем. Се движиме од хаос кон систем, од импровизација кон дигитализација, од застој кон одговорност. За крај, ќе бидам јасен - времето на одложување заврши. Ова е нова култура на одговорност - заклучи Алиу на прес-конференцијата. бд/са/

Фото и видео: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан