• вторник, 17 декември 2024

Албанската опозиција бара појаснување од претседателот Бегај за наводната посета на шефицата на албанското разузнавање на  Белград

Албанската опозиција бара појаснување од претседателот Бегај за наводната посета на шефицата на албанското разузнавање на  Белград

Тирана, 1 јуни 2023 (МИА) - Албанската опозиција побара од претседателот Бајрам Бегај појаснување за, како што наведува, десетдневната посета на Влора Хисени, директорка на албанската Агенција за разузнавање, ШИШ.

Во име на демократите  членот на парламентарната комисија за национална безбедност и поранешен министер за внатрешни работи, Фљамур Нока, испратил официјално барање до претседателот  Бегај, во кое бара појаснување во врска со посетата на Хисени на Белград.

- Со оглед на тоа дека Албанија е членка на НАТО, посетата на првиот човек на разузнавачката служба на земја што не е членка на НАТО предизвика голема загриженост. Тоа е затоа што службата ја претставува главната институција за национална безбедност. Исто така, оваа посета ја зголемува мистеријата и отвора многу прашања бидејќи се случува во многу комплициран и деликатен момент за Косово, каде што српскиот претседател Вучиќ провоцира со нарушување на ситуацијата и мирот и загрозување на стабилноста во регионот,  се наведува во писмото.

Нока како член на Комисијата за национална безбедност бара Бегај да го информира за "мотивите, причините и за целта на оваа мистериозна посета".

-Дали беа информирани надредените институции и дали е добиено нивно одобрение? Дали тоа беше направено со консултација и дали нашите партнери во НАТО беа информирани за оваа посета? Барам информациите да ми бидат достапни во рок од 5 дена, наведува  тој во барањето до Бегај.

Информацијата дека Хисени била во Белград  прв ја соопшти лидерот на побројната фракција на Демократската партија и поранешен претседател и екс премиер, Сали Бериша.

-Оваа посета во екот на тензиите на северот од Косово укажува на координација на силите на Еди Рама и неговиот шеф(Вучиќ) против Косово, што е многу интересно поради сериозната политичка криза во Белград. Оваа посета претставува сериозен удар врз албанската соработка со службите на пријателските земји од регионот, обвини тој.

Бериша и денеска ја коментираше " посетата на Хисени на Белград" додавајќи дека молкот од повиканите па и самата таа е повеќе од потврдена вест.

По предлог на премиерот Еди Рама и потпишаната уредба од шефот на државата Бајрам Бегај, за директорка на ШИШ, косовката Хисени беше наименувана на почетокот на април.

Била на високи функции во косовската Агенција за разузнавање (КИА)а во одреден период и нејзин прв човек. На 30 август 2021 година косовската претседателка Вјоса Османи и премиерот Албин Курти, ја разрешиле од функцијата заменик – директор, а кусо потоа, односно, во септември истата година, станала советник во кабинетот на Рама, од каде ја презеде новата функција. вт/

Остани поврзан