• понеделник, 18 ноември 2024

Албанија ќе ја обновува железничката пруга Вора-Хан Хоти со  373 милиони евра

Албанија ќе ја обновува железничката пруга Вора-Хан Хоти со  373 милиони евра

Тирана, 22 јули 2024 (МИА) – Албанија ќе ја обновува и доизградува железничката пруга, која минува низ северниот дел на земјата, поточно од граничниот премин Хан Хоти (Божај) на албанско-црногорската граница, до Вора, општина во Тирана, во близина на меѓународниот аеродром.

Заменик министерката за инфраструктура и енергетика Енкелејда Мучај пред членовите на Комисијата истакна дека овој проект чини 373 милиони евра, од кои дел ќе покрие државниот буџет, а остатокот од ЕБОР, ЕУ преку инвестициската рамка за Западен Балкан и Европската инвестициска банка.

Од вкупниот износ 133 милиони евра се грант. Ова беше фокусот на нашата работа, да имаме поддршка што доаѓа во форма на грантови. Во државниот буџет за овој проект се предвидени 3 милиони евра за експропријација. Денешниот предлог-закон предвидува финансиска поддршка од 100 милиони евра што се додаваат на заемот од 98,5 милиони евра кај Европската банка за обнова и развој, рече Мучај.

Според неа, „финансирањето ќе биде искористено за рехабилитација на една од многу важните железнички линии што припаѓа на еден од главните коридори што ја поврзува Албанија со Црна Гора, а потоа со Љубљана, Белград и Загреб, што уште повеќе ја приближува Европа до Албанија“.

Новиот проект предвидува продолжување на пругата и изградба на 12 нови мостови, да се обезбеди максимална брзина до 120 километри на час, а треба за заврши во 2030 година.

Албанската железничка мрежа започнува со Драч, потоа се надополнува со други проекти, кои се очекува да започнат. Покрај овој ќе почне и проектот на железничката линија Драч – Рогожина, која е дел од Коридорот 8.

Фото: Прес служба на албанскиот Парламент

Остани поврзан