• четврток, 09 октомври 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Активни пет пожари, два ер трактори ангажирани за пожарот кај село Перово близу брегот на Преспанско Езеро

Активни пет пожари,  два ер трактори ангажирани за пожарот кај село Перово близу брегот на Преспанско Езеро

Скопје, 24 јули 2025 (МИА) - На територијата на државата заклучно до 18:30 часот се евидентирани вкупно 16 пожари на отворен простор, од кои пет се активни, шест се под контрола, а пет се изгаснати. Пожарот кој што попладнево изби на брегот на Преспанското Езеро во близина на село Перово се гаси со еден Ер трактор, а како што посочија од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), наскоро ќе му се приклучи уште еден.

Активни се пожарите во Општина Василево, Радовиш и Берово – с. Нивичино, на планината Голем Готен и Малешевските планини каде гори нискостеблеста шума, смрека, грмушки и ниска вегетација. Потоа во Општина Прилеп – с. Бешиште, местo викано Бешишки Рид, крак кон с. Градешница (мешана шума) во Општина Македонски Брод 4 – с. Црешнево (ниска вегетација), во Општина Ресен – с. Долно Перово (трска и ниска вегетација и во Општина Штип – с. Драгоево и с. Селце (нискостеблеста шума, прнар и сува трева).

Директорот на ДЗС Стојанче Ангелов изјави дека пожарот кој што попладнево изби на брегот на Преспанското Езеро во близина на село Перово зафатил поголема површина на трска и поради ветрот се ширел кон селото, но веќе не претствува опасност благодарение на интервенцијата на пожарникарите од Ресен и на локалното насление кое им дава поддршка.

-Пред малку започна да дејствува еден Ер трактор амфибија на ДЗС, а набргу ќе му се придружи и вториот .Ер тракторот ја пресече линијата на огнот и помага на силите кои што гасат од земја да воспоставт целосна контрола врз овој тежок пожар кој се закануваше кон неколку села, рече Ангелов кој е на пат кон местото на овој пожар.

Под контрола се пожарите во Општина Прилеп – помеѓу с. Царевиќ и с.Смолани, место Радобилски Рид, во Општина Желино – помеѓу с. Церово и с. Групчин и во Општина Македонски Брод каде има пожари на четири локации и тоа с. Латово, м.в. Маркова Стапалка, потоа помеѓу с. Локвица и с. Крапа, кај с. Грешница и кај с. Латово. вг/дма/

Фото: МИА Архива

 

Остани поврзан