Аксиос: Макрон го убедил Трамп на средба со Зеленски во Париз
- Францускиот претседател Емануел Макрон последните денови интензивно работел да го убеди новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, кој присуствуваше на отворањето на обновената катедрала Нотр Дам во Париз, да се сретне со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, објави американскиот портал Аксиос, повикувајќи се на два анонимни извори.
Вашингтон, 8 декември 2024 (МИА) - Францускиот претседател Емануел Макрон последните денови интензивно работел да го убеди новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, кој присуствуваше на отворањето на обновената катедрала Нотр Дам во Париз, да се сретне со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, објави американскиот портал Аксиос, повикувајќи се на два анонимни извори.
Според еден извор, Трамп првично се двоумел за средбата, но на крајот се согласил. Друг извор близок до ситуацијата изјавил дека средбата траела 45 минути и била „добра и продуктивна“.
Одлуката за трилатералната средба била донесена непосредно пред нејзиното одржување.
Вчера, Трамп во Париз одржа средба со Макрон и Зеленски на тема војната во Украина и начините за нејзино завршување. Зеленски истакна дека средбата била „добра и продуктивна“, а разговарале за ситуацијата на теренот и „праведен мир“. Тројцата се договориле да продолжат соработката и контактите.
„Претседателот Трамп, како и секогаш, е решителен... Сите сакаме оваа војна да заврши што е можно поскоро и на праведен начин. Мир преку сила е зможен“, напиша Зеленски на платформата Икс.
Трамп изјави дека Украина и Зеленски сакаат договор за запирање на конфликтот со Русија и повика на итен прекин на огнот и почеток на мировни преговори.
„Зеленски и Украина би сакале да постигнат договор и да го запрат ова лудило. Загубија 400.000 војници и уште повеќе цивили. Треба итно да се постигне прекин на огнот и да започнат преговори“, објави Трамп на неговата платформа „Трут Соушл“. Ова е првпат Трамп да се сретне со Зеленски откако победи на изборите. ссм/
фото: ЕПА