• среда, 01 јануари 2025

Азербејџанско обвинителство: Русија вети дека ќе ги пронајде и казни одговорните за урнувањето на азербејџанскиот авион

Азербејџанско обвинителство: Русија вети дека ќе ги пронајде и казни одговорните за урнувањето на азербејџанскиот авион

Баку, 30 декември 2024 (МИА) - Обвинителството на Азербејџан денеска соопшти дека Русија ветила дека ќе ги идентификува и казни одговорните за урнувањето на азербејџанскиот патнички авион на 25 декември, за кој Баку тврди дека бил соборен од руски оган.

Според главниот обвинител на Азербејџан, Камран Алиев, шефот на рускиот истражен комитет Александар Бастрикин му рекол дека „се преземаат интензивни мерки за откривање на виновниците и нивно изведување пред лицето на правдата“.

Москва, исто така, вети дека ќе „спроведе целосна, темелна и објективна истрага“ за инцидентот, покрај истрагите што се водат во Казахстан, каде што се урна авионот, се вели во соопштението на азербејџанското обвинителство.

Русија не ја призна одговорноста за несреќата, во која загинаа 38 лица, и покрај барањето на Азербејџан.

Според обвинителството на Азербејџан, Москва сепак „ја пружила потребната поддршка на обвинителите испратени во Грозни, главниот град на Чеченија, каде што авионот неуспешно се обидел да слета двапати пред да се урне во Актау, од другата страна на Каспиското Море.

Во тек се истраги на местото на несреќата „со учество на професионални истражители и експерти од Азербејџан, Казахстан, Русија и Бразил.

Претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев ја обвини Москва дека се обидува да ја прикрие одговорноста за несреќата и побара јавно извинување и компензација.

Рускиот претседател Владимир Путин завчера му се извини на Алиев и призна дека на денот на авионската несреќа бил отворен оган од противвоздушната одбрана поради напад на украинско беспилотно летало, но не призна дека авионот бил соборен. рп/

Фото: МИА архива

Остани поврзан