• вторник, 24 декември 2024

Агелер: Водството на Северна Македонија мора да пронајде начин да го фати вистинскиот правец, САД ќе ве поддржи, но тоа не може да го стори наместо вас

Агелер: Водството на Северна Македонија мора да пронајде начин да го фати вистинскиот правец, САД ќе ве поддржи, но тоа не може да го стори наместо вас

Скопје, 22 јуни 2023 (МИА) - Американската амбасадорка Анџела Агелер денеска со порака дека приклучувањето на Северна Македонија во ЕУ, меѓудругото ќе и помогне на земјава подобро да се справи со домашните предизвици, а еден од нив е корупцијата. Таа во обраќањето на конференцијата „Односите на САД и Северна Македонија во ера на геополитички превирања“ во организација на Претседателскиот центар за политичко образование, наведе дека неодамна спроведената анкета покажала дека корупцијата е меѓу главните причини за иселување на младите од државата. Им порача на лидерите во земјава дека мора да пронајдат начин и да ја насочат државата во вистинскиот правец, а на власта и на опозицијата им упати порака дека за суштински прашања треба да ги остават настрана политиките и да мислат на доброто на граѓаните.  

-Водството на Северна Македонија мора да пронајде начин да го фати вистински правец, дури и пред формално да влезете во ЕУ. САД ќе ве поддржат, ќе продолжиме да инвестираме во вас, но ова не можеме да го направиме наместо вас. За да го преземете следниот чекор, кој ќе ја води вашата земја кон посветла иднина, мора да има политичка волја. Во секоја држава за одредени важни одлуки потребно е власта и опозицијата да работат заедно, да ја тргнат настрана политиката и да го сторат она што е добро за граѓаните. Во сржта на тешките одлуки, кои треба да се донесат, во суштината на тоа зошто НАТО, ЕУ, вашиот однос со САД и зошто домашните реформи, се всушност вашите граѓани, порача американската амбасадорка.

Таа истакна дека турбуленциите, кои се случиле во светски рамки изминатиот период, покажале дека изолацијата не може да биде патот напред и ги наведе придобивките кои Северна Македонија ќе ги има од приклучувањето кон ЕУ, потенцирајќи дека македонскиот јазик, култура и идентитет ќе бидат зачувани.

-Ќе го зачувате јазикот, ќе ја зачувате културата, ќе го зачувате идентитетот, тоа е вашето наследство, тоа е нешто суштинско кое ве прави она што сте како држава и во исто време ќе добиете многу. Приклучувањето во ЕУ ќе и обезбеди на Северна Македонија подобро да се справи со домашните предизвици, рече таа, а како еден од нив го наведе и иселувањето на младите. Членството, додаде таа може да помогне во спречувањето на тој тренд, а тоа исто така ќе донесе економски можности, креирање на нови работни места, образовни можности.

-Станувањето дел од една таква алијанса помага и во ставањето крај на корупцијата и ставање крај на судската криза, во спроведување на реформите и исполнување на стандардите, додаде Агелер. 

Таа упати апел на членството во ЕУ да се гледа низ истата призма, низ која се гледа членството во НАТО.

-ЕУ е следна, ве повикувам да гледате на членството во ЕУ низ истата призма како за членството во НАТО. Кога домашните предизвици постојано доминираат во насловите, лесно може од вид да ја изгубите поголемата слика, а за оваа земја тоа значи да биде дел од недвосмислено најголемиот светски економски блок, рече американската амбасадорка. 

Таа во обраќањето се осврна и на американско-македонските односи, нагласувајќи оти парнерството меѓу САД и Северна Македонија е толку силно, што може да ја надмине секоја бура.

-За САД, Северена Македонија постојано била бастион на стабилноста, тука на Балканот и како што велиме во САД не е до големината на кучето во борбата, туку е до големината на желбата за борба во кучето. За само три години како НАТО членка, Северна Македонија ја покажа својата сила и вредност како глобален безбедносен партнер. Во само три години вашата земја истапи и цврсто застана на вистинската страна на историјата, најпрво со кризата во Авганистан и сега со руската неиспровоцирана, немилосрдна и брутална инвазија на Украина. Не го потценувајте значењето на она што го стори вашата земја и не го потценувајте значењето на она што значи да се биде дел од Алијансата како НАТО, рече Агелер.

Таа го повтори она што го кажа сенаторот Крис Марфи за време на посетата на земјава, дека Северна Македонија е недвосмислено побезбедна, бидеќи има безбедносни гаранции од САД и другите меѓународни партнери и бидејќи е членка на НАТО.

-Се надевам дека тоа не само што ви овозможува помирно да спиете навечер, туку и ќе биде водилка на вашата политика во иднина, додаде Агелер, која напомена дека земјава направила голема жртва за да стане дел од Алијансата.

Американската амбасадорка направи куса ретроспектива на сето она што е постигнато во земјава од стекнувањето на независноста во изминатите 33 години.

-Вие сите како земја имате многу нешта за кои треба да се гордеете, за момент станете свесни за се што сте постигнале од независноста на 8 септември 1991 година, пред 33 години. Тоа е кус период во однос на историјата, но сепак вие во тоа време успеавте да воспоставите демократија, слобода и еднаквост за сите граѓани, ја надминавте и граѓанската војна во 2001 година со Охридскиот рамковен договор, кој до ден денеска служи како модел за меѓуетничка кохензија на Балканот и пошироко. Направивте голема жртва за членството во НАТО, најмоќната безбедносна алијанса во светот и се движите напред кон уште еден клучен момент во вашата историја, членството во ЕУ. Признавам дека ова се многу тешки времиња, признавам дека граѓаните на оваа земја направија жртви и компромиси, но имате огромно извонредно досие на достигнувања во толку кус временски период, нешто повеќе од три декади. Треба да бидете горди за тоа каде е денес вашата земја и за вашиот статус во меѓународната заедница, нагласи американската амбасадорка Агелер. ац/бак/

Фото: МИА

Остани поврзан