Јужна Кореја разгледува како да го минимизира влијанието на новите американски царини
- Јужнокорејското Министерство за индустрија денеска соопшти дека е одржан итен состанок со производителите на челик во Сеул на кој се разговарало за мерките за минимизирање на влијанието на потенцијалните нови царини во САД.

Сеул, 10 февруари 2025 (МИА) - Јужнокорејското Министерство за индустрија денеска соопшти дека е одржан итен состанок со производителите на челик во Сеул на кој се разговарало за мерките за минимизирање на влијанието на потенцијалните нови царини во САД.
Американскиот претседател Доналд Трамп вчера изјави дека денеска ќе објави нови царини од 25 отсто за целиот увоз на челик и алуминиум во САД.
Министерството за индустрија на Јужна Кореја потврди дека се обидува да ги дознае деталите за потенцијалните царини и најави дека тесно ќе соработува со производителите на челик за активно да одговори на потенцијалното воведување царини.
Јужнокорејските челични компании доставуваат челик во погоните на автомобилскиот гигант „Хјундаи Мотор“ и неговата подружница „Киа“. Тие, исто така, обезбедуваат набавки за фабриките во САД и Мексико на голем број производители на електроника за широка потрошувачка, вклучително и јужнокорејските корпорации „Самсунг Електроникс“ и „ЛГ Електроникс“, посочија корпоративните претставници. паг/
Фото: МИА архива