• сабота, 22 февруари 2025

Јапонските спасувачи го пронајдоа камионот што пред две недели пропадна во огромна дупка

Јапонските спасувачи го пронајдоа камионот што пред две недели пропадна во огромна дупка

Токио, 12 февруари 2025 (МИА) - Јапонските власти соопштија дека во канализациска цевка го пронашле камионот што пред две недели пропадна во голема дупка на пат во градот Јашио, во близина на Токио, јави Би-Би-Си.

Дронски снимки покажуваат човечко тело во кабината на возилото, но сè уште не е потврдено дали станува збор за 74-годишниот возач, кој е исчезнат од несреќата.

Дупката, која сега има дијаметар од 40 метри, настанала поради пукање на канализациона цевка.

Спасувачките тимови не можеле веднаш да пристапат до камионот поради водата и високите концентрации на сулфурводород во канализациските цевки. Сега тие работат на создавање алтернативен канал, што може да потрае три месеци, изјави гувернерот на префектурата Саитама, Мотохиро Оно.

Досега е извлечена приколката на камионот, но кабината останува недостапна.

Возачот накратко комуницирал со спасувачите по несреќата на 28 јануари, но контактот бил изгубен кога возилото потонало подлабоко во земјата.

Во неделата властите го пренасочиле пребарувањето од дупката кон блиската канализациона цевка, каде што бил пронајден дел од седиштето на возачот.

Дупката првично била со димензии 10 на 5 метри, но се проширила откако се споила со друго пропаѓање на патот.

Поради опасност од нови одрони, жителите од околината биле предупредени да се евакуираат. Воедно, властите повикале населението на Саитама, кое брои 1,2 милиони жители, да го ограничи користењето вода за да се намали притисокот во подземната мрежа.

Поправката на оштетените канализациони цевки може да потрае две до три години, велат властите. ссм/

фото: ЕПА/принтскрин

Остани поврзан