Јаневска: Дали ќе ме менуваат не зависи од мене, секојдневно работам колку што е можно повеќе
- Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за нејзиното место во Владата одлучува премиерот Христијан Мицкоски, а дека таа ресорот го води со секојдневна посветеност и работа.
Скопје, 26 март 2026 (МИА) - Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за нејзиното место во Владата одлучува премиерот Христијан Мицкоски, а дека таа ресорот го води со секојдневна посветеност и работа.
- Она во што сум сигурна е дека секојдневно работам, колку што е можно повеќе, за да придонесам за развој на оваа држава. Многупати сум кажала - мандатарот, односно премиерот во овој момент, ја предлага Владата - изјави министерката Јаневска одговарајќи на новинарско прашање дали е сигурна во позицијата што ја има во Владата откога премиерот Мицкоски најави реконструкција во мај или во јуни.
Во изјава за медиумите таа додаде дека дополнително и партијата има свои структури, кои, како што рече, внимателно размислуваат во корист на државата и предлагаат одредени функции.
- Така што, не зависи само од мене или воопшто од мене дали ќе ме менуваат или не - изјави Јаневска одговарајќи на новинарско прашање по отворањето на регионалната конференција за високото образование, која денеска и утре се одржува во Скопје под покровителство на МОН. хс/са/
Фото: МИА