• петок, 20 февруари 2026

Јавна дебата на Универзитетот „Мајка Тереза“ за предлог-законот за високото образование

Јавна дебата на Универзитетот „Мајка Тереза“  за предлог-законот за високото образование

Скопје, 18 февруари 2026 (МИА) - Јавна дебата за предлогот за новиот закон за високото образование ќе се одржи денеска попладне на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје во присуство на министерката за образование и наука, Весна Јаневска.

Ова е една од серијата дебати, кои, според најавата на министерката, ќе се одржат на универзитетите во државата за да се слушне мислењето на професорите за предложениот закон.

Тој е поставен и на Националниот регистар на прописи (ЕНЕР) за предлози и сугестии, а МОН отвори и посебни е-адреси на кои заинтересираните може да праќаат коментари во врска со овој закон и за предлог-законот за квалитет во високото образование, кој е исто така на ЕНЕР. 

Министерката Јаневска пред три дена најави дека МОН ќе има средба со сите професори што ќе сакаат да присуствуваат на јавната расправа, каде што ќе бидат дискутирани спорните членови.

Таа рече дека јавната дебата за предлог-законот за високото образование сè уште не е завршена и дека Министерството очекува официјални забелешки од универзитетите. Најави дека оваа недела, по договор со универзитетите, Министерството ќе оди во нивна посета на јавна расправа.

- Сè уште не е завршена јавната дебата, сè уште очекуваме забелешки. Сè што сметаме дека е разумно, ќе биде прифатено. Сè што сметаме дека можеби ќе претставува проблем, ќе биде дискутирано. Тоа значи средба на Министерството за образование и наука со сите професори што ќе сакаат да присуствуваат на јавната расправа, каде што ќе ги дискутираме спорните членови и гледам дека во најголем број нема никакви забелешки. Спорни остануваат неколку членови за кои треба да се договориме и да дискутираме - изјави Јаневска во неделата за медиумите. хс/лв/

Фото: МИА 

Остани поврзан