Ѓорѓиевски: Почнува процесот за изградба на две монтажни катни гаражи во Клиничкиот центар
- Две монтажни катни гаражи добива Клиничкиот центар во Скопје - трајно го решаваме проблемот со паркирањето, објави на својот фејсбук-профил градоначалникот на град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
Скопје, 26 јануари 2026 (МИА) - Две монтажни катни гаражи добива Клиничкиот центар во Скопје - трајно го решаваме проблемот со паркирањето, објави на својот фејсбук-профил градоначалникот на град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
Денеска, посочува градоначалникот, заедно со министерот за здравство, Азир Алиу, како и со стручните тимови од ЈП „Градски паркинг“ и Град Скопје, одржавме координациски состанок, со кој официјално го почнуваме процесот за изградба на две монтажни катни гаражи во рамките на Клиничкиот центар.

Со реализацијата на овој проект, кој ќе го изведува Град Скопје, ќе се обезбедат речиси 500 нови паркинг-места, со што конечно се става крај на долгогодишниот хаос со паркирањето во и околу Клиничкиот центар. Ова е конкретно, функционално и трајно решение, кое директно ќе ги олесни секојдневието и работата на здравствените работници, но и пристапот на пациентите од целата држава, кои секојдневно доаѓаат на лекување. Изградбата на монтажните гаражи ќе овозможи подобра организација на сообраќајот, слободен и непречен пристап за итната медицинска помош и поголема безбедност за сите учесници во сообраќајот, со почитување на јавниот простор и современите урбанистички стандарди - потенцира Ѓорѓиевски.

Овој важен инфраструктурен зафат, истакнува, е во координација со премиерот Христијан Мицкоски и за кој имаме поддршка, претставува јасен сигнал за заедничка посветеност кон решавање на реалните проблеми на граѓаните и унапредување на здравствениот систем.
Со заедничка работа, координација и јасна визија, чекор по чекор градиме функционални и одржливи решенија во интерес на граѓаните. Ова е само дел од она што следува. Скопје ја живее новата ера, објави градоначалникот Ѓорѓиевски. рп/са/
Фото: ФБ на Ѓорѓиевски