Штипските такси компании нема да ја зголемат цената на такси услугите, но бараат помош за набавка на нови електрични возила
- Такси услугите во Штип нема да се зголемат и покрај воениот конфликт на Блискиот Исток. Претседателот на Здружение на такси компании „Такси 2003“-Штип, Глигор Арсов денеска образложи дека последните промени на цените на такси услугите се направени пред два месеци и се изгласани од страна на советниците на советот на Општина Штип.
Штип, 11 март 2026 (МИА) – Такси услугите во Штип нема да се зголемат и покрај воениот конфликт на Блискиот Исток. Претседателот на Здружение на такси компании „Такси 2003“-Штип, Глигор Арсов денеска образложи дека последните промени на цените на такси услугите се направени пред два месеци и се изгласани од страна на советниците на советот на Општина Штип. Посочува дека ги следат случувањата и доколку има потреба да се реагира тоа треба да биде во согласност со одлуките, кои се носат на седници на советот на Општина Штип.
- Околу Нова година се качи цената на такси услугата во Штип, цената е солидна, содејствува со моменталните услови. Гледаме дека на берзите цената на нафтата падна. Така да ќе чекаме некој период, за да видиме што понатаму, изјави Арсов.
Тој истакна дека во моментот такси компаниите размислуваат за набавка на нови електрични возила, со што такси превозот не би бил зависен од ситуацијата со нафтата. Арсов вели помош треба да има и од државата, бидејќи тоа ќе значи и зачувување на почиста животна средина.
-Ние најдобро е веќе да размислуваме на некои алтернативни работи, да ги искористиме новите модели на возила, хибриди, електрични возила,со кои не би биле зависни од нафта, рече Арсов. вдј/сст/
Фото: МИА архива