• сабота, 16 мај 2026

Шест иницијативи пред Уставниот суд - од пензии во странство до условите за парична помош за новороденчиња

Шест иницијативи пред Уставниот суд - од пензии во странство до условите за парична помош за новороденчиња

Скопје, 6 мај 2026 (МИА) - Уставниот суд денеска ќе ја одржи 12. седница на чиј дневен ред се шест иницијативи за оценување на уставноста и законитоста на разни законски и подзаконски акти, како и гласање за две нацрт-одлуки.

Судот ќе ја разгледува иницијатива за измените на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, односно за членовите 1 и 3 од овој Закон, каде што се оспорува ограничувањето на одредени права за пензионери што живеат надвор од државата. 

Подносителот на иницијативата смета дека оспорените одредби го ставаат во нееднаква и дискриминирачка положба во однос на другите пензионери кои оствариле право на пензија според истиот закон, но живеат и ја примаат пензијата во државата. И покрај тоа што правото на пензија го остварил во согласност со важечкиот закон, со оспорените одредби тоа право му се ограничува врз основа на местото на живеење, што претставува повреда на уставно загарантираните права, се наведува во иницијативата. Според подносителот, одредбите се во спротивност со член 110 став 3 од Уставот, кој гарантира заштита на слободите и правата на граѓаните, вклучувајќи ја еднаквоста на сите пред законите.

На дневен ред се и иницијативите поврзани со измените на Законот за градењето, каде што подносителите тврдат дека се нарушуваат правата на непосредните соседи на градежните парцели. Според нив, со новите одредби се укинува правото на увид во техничката документација и правото на жалба, со што инвеститорите се ставаат во поповолна положба. Дополнително, се укажува и на можни ретроактивни ефекти и правна несигурност за веќе почнати постапки.

Меѓу предметите е и иницијативата која се однесува на правото на еднократна парична помош за новороденче, односно делот „родено на територијата на Република Северна Македонија“ од Законот за заштита на децата. Подносителот тврди дека со воведувањето на условот „родено на територијата на Република Северна Македонија“ се ставаат во понеповолна положба за добивање еднократна парична помош деца чии родители се државјани на Република Северна Македонија, а кои се родени во странство, во однос на деца чии родители се исто така државјани на Република Северна Македонија, но кои се родени на територијата на државата. Според подносителот, местото на раѓање не зависи од волјата на детето ниту, пак, може да биде релевантен критериум за остварување права од областа на детската заштита.

На дневен ред е и иницијативата поднесена на член 74 од Правилникот за имунопрофилакса, хемиопрофилакса, лица што подлежат на овие мерки, начинот на изведување и водење евиденција и документација. 

- По исклучок, при активно откривање невакцинирани или некомплетно вакцинирани, вакцинацијата може да се врши и на терен, надвор од здравствените установи, со запазување на принципите на студен синџир за транспорт и чување на вакцините за соодветна диспозиција на медицинскиот отпад, како и обезбедена антишок-терапија (ампули адреналин, кортизонски препарат со брзо дејство и антихистамински препарат) - се наведува во оспорената одредба.

Според подносителот, одредбата е нејасна и непрецизна, создава права несигурност и е во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, односно го поткопува владеењето на правото. дма/вј/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан