• сабота, 22 февруари 2025

Шаибани: Сирија ќе добие нова влада на 1 март

Шаибани: Сирија ќе добие нова влада на 1 март

Дамаск, 12 февруари 2025 (МИА) - Сирија ќе има нова влада од 1 март, изјави денеска министерот за надворешни работи, Асад ал Шаибани, член на привремената влада формирана по падот на претседателот Башар ал Асад.

- Владата што ќе биде воспоставена на 1 март ќе го претставува сирискиот народ во најголема можна мера и ќе ја земе предвид неговата разноликост, рече Шаибани на маргините на Самитот на светската влада во Дубаи.

Два дена по соборувањето на Асад, исламистичката група Хајат Тахрир ал Шам, која ја предводи новата администрација во Дамаск, го именуваше Мохамед ал Башир за шеф на привремената влада, која ќе ги врши секојдневните работи до 1 март.

- Сирискиот народ е партнер во промените, додаде Шаибани, истакнувајќи дека „сите реформи и промени што се спроведени во последните два месеци се резултат на консултации со сириската дијаспора и граѓанското општество во земјата“.

Во јануари, Ахмад ал Шара, лидерот што ја предводеше офанзивата на бунтовниците која доведе до падот на Асад на 8 декември 2024, беше назначен за привремен претседател на Сирија.

Новите власти добија задача да формираат привремен законодавен совет за транзицискиот период, при што стариот парламент беше распуштен, заедно со партијата Баас, која владееше со Сирија со децении.

Групата Хајат Тахрир ал Шам и другите бунтовнички фракции беа распуштени, а нивните борци интегрирани во идната војска.

Шара изјави дека до одржување на избори може да поминат и до пет години.

Новите власти ветија одржување на конференција за национален дијалог, во кој ќе бидат вклучени сите Сиријци, но точниот датум сè уште не е утврден. ссм/

фото: архива

Остани поврзан