„Хјуман рајтс воч“ го обвинува Израел за воени злосторства при протерувањето на Палестинците од бегалските кампови
- Невладината организација соопшти дека во јануари и февруари, 32.000 жители на Џенин, Тулкарм и Нур Шамс биле насилно протерани од израелската војска како дел од операцијата „Железен ѕид“.
Њујорк, 20 ноември 2025 (МИА) - Протерувањето на илјадници Палестинци од страна на Израел од три бегалски кампови во окупираниот Западен Брег претставува воено злосторство и злосторство против човештвото, соопшти „Хјуман рајтс воч“.
Невладината организација соопшти дека во јануари и февруари, 32.000 жители на Џенин, Тулкарм и Нур Шамс биле насилно протерани од израелската војска како дел од операцијата „Железен ѕид“. На Палестинците им било забрането да се вратат во бегалските кампови, а стотици домови биле срушени, според извештајот подготвен од „Хјуман рајтс воч“, кој е долг повеќе од 100 страници.
Израелската војска изјави дека морала да уништи цивилна инфраструктура за да спречи нејзино користење од страна на милитантите.
Женевските конвенции забрануваат раселување на цивили од окупираните територии, освен во одредени случаи кога тоа е привремена мерка за да се обезбеди безбедноста на локалните жители.
„Хјуман рајтс воч“ изјави дека одговорните службеници треба да бидат гонети за воени злосторства и злосторства против човештвото.
Во извештајот на невладината организација се опишани случаи на војници кои упаѓаат во домови, ограбуваат имот, дека булдожерите уништуваат домови и дека израелските сили не нудат засолниште ниту хуманитарна помош на раселените семејства, кои биле принудени да се засолнат во преполни куќи на роднини, џамии, училишта и други објекти. мс/сд/
фото: ЕПА архива