Хуманитарен работник на ОН, приведен од Хутите, почина во јеменскиот затвор
- Светската програма за храна на Обединетите нации (WFP) денеска соопшти дека еден од нивните хуманитарни работници починал во јеменски затвор откако бил задржан таму од страна на Хутите.

Каиро, 11 февруари 2025 (МИА) - Светската програма за храна на Обединетите нации (WFP) денеска соопшти дека еден од нивните хуманитарни работници починал во јеменски затвор откако бил задржан таму од страна на Хутите.
WFP во соопштението рече дека тој е еден од седумте членови на персоналот на WFP уапсени од Хутите на 23 јануари. Не е наведена причина за смртта. Соопштението дојде еден ден откако ОН ги прекина сите свои операции во упориштето на бунтовниците во провинцијата Саада во северен Јемен, откако Хутите уапсија уште осум вработени во ОН.
-Ние сме скршени и огорчени од трагичната загуба на членот на тимот на WFP, Ахмед, кој го загуби животот додека беше произволно приведен во Јемен, напиша на Твитер извршната директорка на WFP, Синди Мекејн.
Таа рече дека работникот, кој имаше сопруга и две деца, „игра клучна улога во нашата мисија да обезбедиме помош во храна“. Портпаролот на Хутите не одговори веднаш на барањата за коментар.
Работникот, кој ѝ се придружи на агенцијата на ОН во 2017 година, почина вчера во затвор во северната провинција Саада и околностите на неговата смрт се непознати, изјави претставник на WFP, кој сакаше да остане анонимен.
Во соопштението на ОН се вели дека „вонредната“ одлука за паузирање на сите операции и програми во Саада е поради недостаток на безбедност. Тие ги повикаа Хутите да го ослободат целиот притворен персонал на ОН.
Бунтовниците уапсија десетици вработени во ОН, како и луѓе поврзани со хуманитарни групи, граѓанското општество и американската амбасада во Сана, главниот град на Јемен. Никој од персоналот на ОН се уште не е ослободен.
Одлуката на ОН ќе влијае на одговорот на една од најтешките хуманитарни катастрофи во светот. Седум агенции на ОН работат во Саада, вклучително и WFP, Светската здравствена организација и УНИЦЕФ, заедно со неколку други меѓународни хуманитарни организации, според хуманитарната агенција на ОН.
ОН предвидуваат дека повеќе од 19 милиони луѓе ширум Јемен ќе имаат потреба од хуманитарна помош оваа година, бидејќи многумина се соочуваат со климатски промени, глад, колера и економски последици од војната во Јемен.
Граѓанската војна во Јемен започна во 2014 година, кога јеменските бунтовници Хути, поддржани од Иран, ја презедоа контролата врз главниот град Сана и поголемиот дел од северот на земјата, принудувајќи ја владата да побегне на југ, а потоа во соседна Саудиска Арабија.
Коалицијата предводена од Саудиска Арабија влезе во војната во март 2015 година, со поддршка од САД, во обид да ја врати меѓународно признатата влада на власт.
Се проценува дека во војната досега се убиени повеќе од 150.000 луѓе и дека таа предизвика една од најтешките хуманитарни кризи во светот. мс/
фото: МИА архива