Хамас со задоцнување соопшти кои заложници ќе бидат ослободени утре
- Хамас вечерва соопшти кои тројца заложници ќе бидат ослободени утре, со еден час задоцнување од крајниот рок во 16 часот.

Газа, 7 февруари 2025 (МИА) – Хамас вечерва соопшти кои тројца заложници ќе бидат ослободени утре, со еден час задоцнување од крајниот рок во 16 часот.
Кабинетот на израелскиот премиер и Форумот за фамилии на заложници потврдија дека заложниците што треба да бидат ослободени се Охад Бен Ами (56), Ели Шараби (52) и Ор Леви (34).
Тајмс оф Израел јави дека се уште не е јасно во кое време утре заложниците ќе бидат ослободени.
Шараби бил киднапиран од кибуцот Беери кога припадниците на Хамас извршија терористички напад во јужен Израел на 7 октомври 2023 година. Неговата сопруга и ќерките биле убиени во безбедната соба во нивниот дом, а тој и неговиот брат Јоси беа заробени. Оттогаш беше потврдена смртта на Јоси, а Хамас се уште го држи неговото тело.
Леви (34) бил киднапиран од фестивалот Супернова во близина на кибуцот Реим на 7 октомври. Неговата сопруга Еинав беше убиена, а нивниот сега тригодишен син Алмог оттогаш престојува кај неговите баба и дедо. Во изминатите 16 месеци му било кажано дека татко му е исчезнат и се трага по него. јт/